Вести

ЕУ ја спакува и амбалажата во бирократија

Економистите, бизнисмените и стопанските комори со години попусто се жалат дека Брисел и Берлин со секоја нова директива уште повеќе ја гушат економијата. Есенската сезона на реформи носи нови апсурдни закони што ги излудуваат фирмите, како воведувањето „комесар за амбалажа“ и обврската за овластени претставници во сите 27 членки на ЕУ.

Потонаа акциите на „Трамп медиа“

Вредноста на акциите на фирмата зад социјалната мрежа на Трамп упорно паѓа по поразот на републиканците на изборите за Конгресот. Паднаа на 4 долари, од 80 долари, колку што вредеа пред две години. Инвеститорите се жалат дека се предадени. Вредноста на акциите на Truth Social на берзите сега се следи како барометар за популарноста на Трамп меѓу Американците.

Нов закон во Белгија:

Затворени врати повеќе нема да спасат мигранти од депортација

Белгиските пратеници го изгласаа контроверзниот закон со кој на службата за имиграција ѝ се овозможува ненајавено да упаѓа по приватни домови за да приведува нелегални мигранти што добиле налог за депортација. Претресите ќе бидат ограничени на лица на кои им е одбиено барањето за азил во Белгија и кои се сметаат за закана за јавната безбедност.

Речник

Демократите добија моќ да го сменат изборниот систем во САД

Изборното „сино цунами“, со кое ја презедоа командата на Конгресот на САД им овозможи на демократите да спроведат изборна реформа која некогаш се сметаше за невозможна: да го отфрлат архаичниот и непопуларен Изборен колеџ. Веќе од 2028 година претседателот на САД би можел да биде избран со мнозинство гласови на национално ниво.

Левицата бара Германија да плаќа „климатски репарации“

Партијата на левицата не се откажува од напорите да го продлабочи чувството на историска вина меѓу Германците. Сега бара од владата во Берлин да се обврзе да им плаќа отштета на сиромашните земји низ светот затоа што Германија низ сопствениот индустриски развој во изминатите два и пол века претерано испуштала гасови од фосилни горива. 

Армијата на САД вежба масовни погребувања војници

Инженерски единици на американската Армија повторно почнаа да обучуваат да копаат привремени масовни гробници на бојно поле, активност што ниту се практикувала ниту била потребна уште од Корејската војна во 1953 година. Низ обука поминуваат и свештеници. Целта е да се зачуваат телата на паднатите борци и достоинствено да се испратат со верски обреди. 

Како на Земјата, така и на небото

Германија вложува 35 милијарди евра за „офанзивна“ надградба на своите сателити, кои се постојано следени од руски. Британија предупредува дека нејзината безбедност на небото и на Земјата е загрозена од сателити од Кина. САД и Франција ќе спроведат координирани маневри во орбита, за да проверат дали и тие можат да следат (и по потреба да уништат) непријателски сателити.

Седум години затвор за лисицата што ги насамари волците од Вол стрит

Окружен судија од Менхетн со доза на жалење ѝ изрекол затворска казна на Чарли Џавис, која на искусните волци од Вол стрит им продала фиктивна фирма за 175 милиони долари. Не можел да се изначуди како на банкарите од ЏП Морган Чејс им требало цела година да разберат дека се измамени. Пресудил: „Вие сте добра личност, но измама си е измама, дури и кога е насамарен глупак“.

Нетфликс изгуби 15,1 милијарди поради забеганите серии за деца

Нетфликс изгуби повеќе од 15 милијарди долари откако корисниците почнаа масовно да ги откажуваат претплатите во знак на протест поради обидите на стримерот да им сервира „разбудени“ содржини на деца. Тргна на уште полошо кога Маск се придружи во протестите против серии со трансродови тинејџери во главна улога или со момче што танцува пред своите двајца татковци. 

Сè што е живо на овој свет свети

Иако не сме светулки, не значи дека не светиме. Тоа не е хемиска реакција создадена заради привлекување на спротивниот пол ниту пак се работи за онаа топлина што се гледа на очилата за ноќно гледање. Туку едноставно - светиме: и ние и животните и растенијата. А кога ќе се замине од овој свет, светлото се гаси.  

Иран си бара нов главен град

Иран многу скоро ќе мора да се откаже од Техеран како главен град. Не поради некоја закана од проектили од Израел, туку поради неодржливата експанзијата на градот кој сега има 10 милиони жители. Ширењето ги црпи последните резерви на вода, а згора на тоа и тоне во земја по еден метар на секои три-четири години. Претседателот предлага новиот главен град да биде спроти Дубаи.

Владиниот хаос за пандемијата ги осакати децата

Британската влада мора официјално да им се извини на децата што ги трпеа последиците од грешките и лошите политики за време на пандемијата на ковид-19, порача поранешната комесарка за деца на Англија. Наметнатите рестрикции и затворањето на училиштата предизвикале експлозија на проблеми со менталното здравје и благосостојбата на многу генерации.

Белгија бара колективна одговорност за грабежот на руските милијарди

Белгискиот премиер Барт де Вевер побара од другите лидери на ЕУ писмени гаранции дека членките ќе ги споделат ризикот и последиците ако замрзнатите руски средства, кои се чуваат во неговата земја бидат употребени за финансирање на заеми за Украина. Де Вевер нема да ја блокира иницијативата, но предупредува: „Нема бесплатни пари. Секогаш има последици“.

Жените живеат подолго од XX причини

Има разноразни објаснувања зошто жените живеат подолго од мажите. Традиционалните објаснувања се дека мажите се склони кон поризично однесување, пушат и пијат повеќе. Обемна студија, со која биле опфатени и цицачи и птици, покажува дека причината е биолошка. Причина е тоа што жените имаат двојни хромозоми X, кои подобро ги штитат клетките од мутации.

Нема холандско државјанство без 10 години придонес за општеството

Холандската влада двојно ќе го зголеми минималниот период на непрекинат престој во земјата како неопходен услов за странците да добијат холандско државјанство. Дојденците ќе бидат обврзани да исполнат низа други услови за да докажат пред комисии дека се целосно интегрирани и дека заслужиле холандски пасош. Мерките ги заоструваат многу други земји во Европа.

Детектори за лаги против протекувања од Пентагон

Министерот за одбрана Пит Хегсет настојува да ги запре протекувањата информации од Пентагон до јавноста и медиумите. Од офицерите и службениците ќе бара да потпишат нов документ дека нема да кодошат, а нивната лојалност ќе ја проверува со ненајавени испитувања на детектор за лаги. Ќе треба добро да се потруди, затоа што и оваа информација успеа да протече до медиумите.

Илјадници жени што развиле мозочен тумор го тужат Фајзер

Фајзер на суд ќе се брани од колективната тужба на повеќе од 1.000 жени што тврдат дека развиле тумор на мозокот по користење на хормонско средство за контрацепција. Фармацевтскиот гигант не ги предупредил потенцијалните корисници и лекарите за ризикот од развој на интракранијален менингиом ако инјекцијата Депо-Провера се користи повеќе од една година.

Европа секој ден губи зеленило колку 600 фудбалски терени

За само пет години Европа изгубила зелени и обработливи површина колку Кипар. Во сива зона од патишта, згради, фабрики и туристички центри биле претворени 9.000 квадратни километри што биле дом на животни и го собирале јаглеродот од воздухот. ЕУ со години ветуваше дека ќе ја штити природата, но буквално ја цементираме сопствената иднина, коментира европратеничка од Зелените.

Технолошките богови му принесуваат жртви на новиот Бог

Американскиот претседател последниве месеци заработи фина сума на пари додека неговите правни тимови ги гонеа оние коишто го исфрлија од своите платформи после немирите во Капитол од 6 јануари 2021 година. 25 милиони долари од Мета, 10 милиони долари од Икс, сега 25 милиони долари од Јутјуб. Лојалноста е платена и запечатена, сега може пак да се „пријатели“.

На ЕУ ѝ е поважно ветото од проширувањето

Европските лидери го убедуваат унгарскиот премиер Виктор Орбан да не го блокира интеграцскиот процес на Украина и Молдавија, но не сакаат да се укине правото на вето и проширувањето на ЕУ да се решава со надгласување. Без вето, Бугарија нема да може да го блокира приемот на Македонија, Грција приемот на Турција, Хрватска на Србија, а Франција на сите заедно.

Оплодиле јајце-клетка создадена од кожа 

Американски научници го потврдиле контроверзниот концепт дека е возможно да се создаде човечки ембрион без биолошка мајка, со генетски материјал од двајца мажи. Наместо јајце-клетка успешно оплодиле генетски манипулирана и осакатена клетка од кожа. Сите рани ембриони создадени во експериментите имале хромозомски абнормалности и не можеле да се развијат во бебе.

Генералите свикани од Хегсет: Можеше ова и преку меил

Американскиот министер за одбрана (по ново „за војна“), свика околу 800 генерали и адмирали лично да се нацртаат во базата Квантико во Вирџинија за да слушнат што има да им каже. Многумина се пожалија дека бадијала доаѓале бидејќи настанот им личел на партиски спектакл а поентите можеле да ги добијат и преку меил. Една од главните поенти била дека војската им е  дебела. 

Лекови од Фајзер на попуст преку вебсајт на Трамп

Американските пациенти ќе можат да купат лекови од Фајзер со огромен попуст и до 85%, но само ако ги нарачаат директно преку веб-сајтот на Белата куќа наречен според претседателот – TrumpRx. Лековите што се издаваат на рецепт преку програмата Медикејд ќе бидат продавани по најниската цена што ја има во другите земји. За возврат, Фајзер три години ќе биде ослободен од царини.

Блокирана владата на САД

Длабоките партиски поделби ја затворија федералната влада на САД. Вработените на неопределено нема да добиваат плата. На работа ќе останат само луѓето на виталните позиции. Блокадата значи привремено отпуштање на околу 750.000 службеници. Многумина нема воопшто да се вратат на работа. Трамп се закани дека ќе ја искористи паузата за масовна чистка во владините служби.

Дигиталната лична карта е катастрофа

Членките на Европската Унија (со исклучок на Данска) издаваат лични карти со години. Ако самиот обем на нелегална имиграција е некаков показател, личните карти не направиле ништо за да ги направат границите на Европа побезбедни или да го спречат работењето на црно. Па зошто воведувањето на дигитална лична карта би било поефикасно во Британија?

Кинески лепак за коски санира фрактури за три минути

Научници во Кина развија хируршки лепак кој овозможува речиси инстантно лекување на фрактури кои со традиционалните третмани заздравуваат со месеци. Откако ќе ја изврши функцијата лепакот се разградува во телото. Се избегнуваат сложени операции на вградување метални шипки, кои може да бидат отфрлени од телото или треба да бидат отстранети со нова операција.

Зетот на Трамп си купи видео игри, топтан со компанијата

Џаред Кушнер како дете пораснал со компјутерските игрици на гејмерското студио Електроник Артс. Зетот на Трамп сега е „пресреќен“ што за рекордна сума од 55 милијарди долари може да го купи производителот на ФИФА, Симс и Бетлфилд. Здружен е со саудискиот престолонаследник, кој си игра со инвестирање на кајмакот од нафтата во индустрии што ќе му носат уште повеќе пари.

Газа анектирана од Трамп, управувана од Блер

Мировниот план што го предложија Трамп и Нетанјаху би бил смешен ако не беше толку опасен за светскиот мир, предупредува Јанис Варуфакис. Ако планот Трамп-Нетанјаху се спроведе, тој официјално ќе го врати човештвото на Законот на белиот колонизатор кој избира која земја да ја окупира, кои освоени народи ќе ги распореди како свои пиони и кои ќе ги истреби.

Мигрантите ќе мора да го заработат гостопримството во Британија

Лабуристите ќе воведат низа нови услови што мигрантите ќе треба да ги исполнат за да се квалификуваат за право на престој на неопределено време во Британија. Ќе мора да научат англиски јазик на високо ниво, да плаќаат национално осигурување, да имаат чисто криминално досие и да придонесуваат за своите заедници. Во спротивно нема да им биде продолжена визата за престој.

Седумте војни кои Трамп ги „прекина“

Трамп упорно се фали дека откако се врати во Белата куќа успеал да запре седум војни низ светот. Во јули се пофали дека просечно завршува по една војна секој месец. До август беа шест, а во говорот пред ОН станаа седум. Реалноста потврдува дека две војни измислил, во една учествувал, а во другите имал епизодна улога, што не им пречи на смирените земји да го предложат за Нобелова награда.