Детектори за лаги против протекувања од Пентагон

Министерот за одбрана Пит Хегсет настојува да ги запре протекувањата информации од Пентагон до јавноста и медиумите. Од офицерите и службениците ќе бара да потпишат нов документ дека нема да кодошат, а нивната лојалност ќе ја проверува со ненајавени испитувања на детектор за лаги. Ќе треба добро да се потруди, затоа што и оваа информација успеа да протече до медиумите.

Со иницијативата за засилена лојалност ќе бидат опфатени сите цивилни и униформирани службеници во Пентагон, односно околу 5.000 луѓе - од канцелариски асистенти до генерали со четири ѕвездички, изјавиле два анонимни извори за Вашингтон пост.

Сите офицери, функционери, службеници и лица ангажирани на договор во Министерството за одбрана и во Здружениот Генералштаб ќе бидат обврзани да потпишат договор кој строго забранува откривање информации што не се од јавен карактер или не се специфично одобрени, пишува во нацрт-меморандум од заменик-министерот за одбрана Стив Фајнберг.

Друг документ, исто така потпишан од Фајнберг, предвидува воспоставување програма за тестирање со полиграф по случаен избор, која исто така ќе важи за сите офицери и службеници. Предвидени се и казни за оние што нема да го потпишат договорот или нема да го почитуваат. 

Заштитата на чувствителните информации е од најголема важност за нашата национална безбедност, безбедноста на нашите војници и зачувувањето на критичниот простор за донесување одлуки за нашите високи лидери, пишува во меморандумот. 

Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, го отфрли извештајот како „неточен и неодговорен“.

Поранешни службеници и адвокати за национална безбедност истакнуваат дека и сега има ограничувања и казни за неовластено објавување информации. 

Се чини дека ова е многу повеќе насочено кон обезбедување лојалност кон Министерството за одбрана и кон администрацијата на Трамп, отколку кон спротивставување на каква било странска шпионажа, оцени Марк Заид, адвокат кој застапувал повеќе информатори од владини служби.

Најголемата разлика се тестирањата со полиграф. Заид смета дека тие се воведуваат заради заплашување на службениците. Тестовите со детектор за лаги на секои неколку години се стандардна процедура во разузнавачката заедница како услов за задржување на безбедносен сертификат. ФБИ почна да ги користи за да идентификува извори на протекување информации до медиумите, но досега не се користеле ненајавено во Пентагон.

Министерството за одбрана претходно оваа година почна да користи полиграфи за да ги открие службениците што протекуваат информации до медиумите, што предизвика вознемиреност во администрацијата. Иницијативата беше запрена откако Патрик Вивер, советник на министерот Хегсет, се пожалил пред Белата куќа.

Потпишувањето договор за необјавување доверливи информации сега е услов и за добивање и продолжување на новинарски акредитации. Министерот Хегсет се залага за вонредни ограничувања. Пентагон од јануари одржал само шест средби со новинари во салата за брифинзи. Претходните администрации одржуваа редовни неделни прес-средби со портпаролот или министерот.

2 октомври 2025 - 10:23