Напуштената практика на копање привремени масовни гробници била увежбувана на маневрите Operation Dragon Covenant Phase II кои почнале во септември на полигон во Северна Каролина. Армијата не ги поврзува директно вежбите со можна копнена инвазија во Иран, но спрема капацитети за големи војни во иднина.
Припадници на Командата за логистичка поддршка на 3-тиот корпус и 20-тата инженерска бригада со тешка механизација ископале пет ровови со капацитет да бидат поставени вкупно 100 тела. Според соопштение од војската, на единиците со тешка механизација им биле потребни просечно по 75 минути за да ископаат една парцела за 20 тела. Се проценува дека осум булдожери и четири воени багери за 24 часа можат да помогнат за привремено погребување на тела на 2.400 војници.
Се увежбувале и техники на постапување со тела на загинати војници за да се испита колку ефикасно може да се обезбеди да бидат зачувани сè додека не бидат идентификувани и транспортирани назад во Вашингтон.

Наредникот Делберт Руде изјави дека вежбата ќе ѝ помогне на војската да управува со процесот на пронаоѓање и оддавање почит кон загинатите војници за време на војна.
Обновената обука првенствено треба да ја подготви американската војска за ситуации во кои поради голем број на жртви тимовите нема да можат да го закопаат секој паднат војник или да извршат верски обреди одделно. Целта е да се воспостави систематски пристап, тестиран на терен, за постапување со загинатите со должна почит во воени услови, наместо да се потпира на импровизирани решенија, изјави офицерот.
На вежбите во Северна Каролина прв пат по повеќе од 20 години биле обучувани и свештеници од Армијата и друг персонал за верска поддршка при привремени погребувања на бојното поле.
Американските сили последен пад извршиле масовни привремени погребувања за време на Корејската војна, во која загинаа или исчезнаа 36.515 војници. Посмртните останки на околу 5.300 војници на територијата на денешна Северна Кореја сè уште не се пронајдени и тие се водат како „исчезнати во акција“.
За време на војните во Ирак и во Авганистан немало потреба од копање големи привремени гробници, бидејќи телата на загинатите брзо биле транспортирани назад во САД.
Женевските конвенции наложуваат да се евидентираат телата на загинатите непријателски војници и да се соберат податоци за нивна идентификација. Кремирањето ретко се дозволува, освен од хигиенски или верски причини.