Кога земјите со високи приходи почнаа да обезбедуваат универзални државни пензии во средината на 20 век, тоа беше долгоочекувано решение за масовната сиромаштија во староста.
Тогаш старите многу поретко поседуваа дом од сега а со малите или никакви заштеди, пензионирањето значеше нагло зголемување на проблемите.
Околу половина од постарите лица во Велика Британија, САД, Канада и поголемиот дел од Европа живееле во сиромаштија, со неколку пати поголема стапка од работоспособните.
Во тоа време, демографските и економските фактори им одеа во прилог на властите. Постарата популација беше релативно мала, работната сила голема и во пораст. Платите растеа па новите трошоци за пензионерите можеа да се финансираат со релативно скромни придонеси од работниците.
Дедении подоцна, ништо од ова не важи.
Пензионерите сега имаат најниски стапки на сиромаштија во повеќето добростоечки земји, а некаде имаат и повисоки просечни приходи од луѓето кои работат. Имаат и најниски трошоци за домување бидејќи повеќето од нив се газди на своите домови.
За да обезбедат сè повеликодушни бенефиции за брзо стареечкото население, државите ги зголемуваат даноците, ги намалуваат трошоците за јавни услуги или оставаат долговите да се зголемуваат: честопати се случуваат сите три работи.
Пензиите сега влечат едно од секои четири евра што француската, шпанската и италијанската влада ги трошат за сите јавни добра и услуги.
Во 2024 година, француската влада потроши повеќе за пензии отколку за образование, полиција, домување, инфраструктура и одбрана - ЗАЕДНО.
„Се води јавна дебата дали пензиите и другите трошоци поврзани со возраста ќе бидат одржливи на долг рок, но тие и денес веќе се неодржливи“, вели Луис Гарикано, професор по јавна политика на Лондонската школа за економија. „Единственото нешто што го одржува системот на живот е она што се жртвува тој да се финансира - инвестициите за иднината.“
Постоењето на пензиите се должи на непишан општествен договор. Но, работниците гледаат како владата зема сè поголем дел од нивните плати но даноците не се трошат на поправање улици, наставници или лекари туку на пензии.
Во Велика Британија и САД, јавните трошоци за пензии сега се еквивалентни на 20 проценти од платите на работната сила пред оданочување, во споредба со 10 проценти во 1970 година. Додадете ја здравствената заштита за стари лица и тоа е повеќе од 25 проценти, која се зголемува на 40 проценти во Шпанија и 50 проценти во Франција.
Постарите гласачи се лутат кога нивната пензија се доживува како форма на социјална помош и повторуваат дека само им се враќаат парите кои ги давале за осигурување додека работеле. Но, денешните пензионери добиваат многу повеќе отколку што уплаќале за време на нивниот работен век.
Пензиите доаѓаат од даноците и другите придонеси што се плаќаат ДЕНЕС. Затоа, дарежливоста околу пензиите е многу чувствителна на демографските промени.
* Извор: Financial Times