Проектот „Аеродинамик“ од 1949 година била најамбициозната и најдалекусежната тајна операција на ЦИА насочена против Советскиот Сојуз. Целта била да се поттикне субверзија во Украинската Советска Социјалистичка Република.
Основната логика била: Советскиот Сојуз ѝ е смртен непријател на Америка; неговата најголема внатрешна закана доаѓа од Украина; затоа ЦИА треба да направи сè што е можно за да ја засили таа закана, пишува американскиот историчар Стивен Кинцер во новата книга „Точка на вриење: Како Америка ја донесе војната во Украина“.
Првата мисија ја предводел офицер на ЦИА од база во Минхен. Двајца Украинци во егзил – Апостол 1 и 2 – доброволно се пријавиле да се спуштат со падобрани во Украина. Носеле фалсификувани документи, радио-предавател, пиштол, автомат, рачни бомби, ќесе со златници и капсула со отров, ако бидат фатени. Нивната мисија била да стапат во контакт со локални борци, да заземат територија и да воспостават тајна база преку која ЦИА би можела да им испраќа оружје. На 5 септември 1949 година, транспортен авион без ознаки ги пренел преку Источна Германија и Полска до советскиот воздушен простор и ги спуштил близу Лавов.
Мисијата пропаднала. Во извештајот било запишано дека „советските сили брзо ги елиминирале агентите“. Но, губењето на двајца агенти не била доволна причина за да се откаже проектот.

Во мај 1950 година, до западна Украина биле префрлени уште четворица украински доброволци, овој пат вооружени со 50 автомати, 30 пушки, 25 пиштоли и стотина фосфорни гранати. Тие се јавиле од терен, но набрзо им се изгубила трагата. Неколку месеци подоцна на сличен начин биле „жртвувани“ уште двајца. До 1952 година ЦИА спуштила околу 85 луѓе опремени за герилско војување. Три четвртини од нив биле брзо заробени или застрелани.
Некои мора да загинат. Потребни се неколку маченици, заклучил Ален Далс, шеф на тајните операции во ЦИА.
Агенцијата лесно ангажирала луѓе за мисиите. На територијата под контрола на западните сојузнички сили имало илјадници борци на Украинската востаничка армија кои за време на Војната биле на страната на нацистите и се бореле против Црвената армија. Првата единица од 35 борци била откриена близу Минхен. Тргнале на запад за да остварат контакт со Американци кои би им помогнале да кренат партизанско востание.
Украинците нудат услуги кои би можеле да бидат од интерес за вас и кои би можеле да се поврзат со идеја на која, верувам, во моментов се работи дома, порачал во телеграма до Вашингтон офицер кој присуствувал на испрашувањата.
Низ цела Европа, американските разузнавачи ги пребарувале преполните кампови за раселени лица, барајќи Украинци подготвени да се вклучат во тајна војна против Советскиот Сојуз.

Регрутирањето одеше лесно. Стотици илјади млади мажи, не само Украинци, туку и бегалци од целиот континент, беа натрупани во суровата неизвесност на овие кампови. Најдоброто на што можеа да се надеваат беше работа на расчистување урнатини или собирање земјоделски култури. Кога луѓе од Американската разузнавачка служба им нудеа платена работа со добри услови за живот, а притоа и можност повторно да војуваат против болшевизмот, многумина веднаш прифатија. Проверката на кандидатите беше минимална, па така меѓу регрутираните имаше и поединци кои соработувале со нацистите како припадници на милиции, полицајци или џелати, пишува Кинцер.
Проектот „Аеродинамик“, еден од првите и најамбициозните во Студената војна, низ годините се преклопувал со други проекти на ЦИА, како „Акробат“, „Андроген“, „Антлер“, „Картел“, „Картагина“, „Краст“, „Аутбаунд“, „ПД-динамик“, „Пламб“, „Ред Сокс“... со идентична цел, да се искористи Украина како платформа за тајна војна против Русија. „Аеродинамик“ официјално бил затворен во 1990 година, но неговите структури останале.
„Аеродинамик“ го означи почетокот на 75-годишната американска интервенција во Украина, пишува Кинцер.