Германски железари гасат печки поради скапата струја

Зголемените трошоци за струја, кои се веќе двојно повисоки од лани, ја принудуваат тешката индустрија во Германија секојдневно да затвора погони, иако има конкретни нарачки. Енергетската криза ги зголемува инфлациските притисоци врз цела Европа и многу скоро ќе се одразат и врз потрошувачите, кои се заштитени со долгорочни договори и владини субвенции.

Цената на електричната енергија во Германија за нарачка во следните три месеци се движи околу 200 евра за MWh, што е двојно повеќе во споредба со минатата зима. Просечната цена на струјата за испорака „ден однапред“ во ноември беше 239 евра за MWh, за разлика од 128 евра во истиот месец лани.

Индискиот гигант ArcelorMittal ја запре работата на својата челичарница во Хамбург и го намали производството во Дизбург. Ineos затвори две хемиски фабрики во Келн поради цените на гасот. SKW Piesteritz, најголемиот германски производител на амонијак, работи со околу 40% од капацитетот.

Челичарницата Feralpi во Риза постојано прекинува со работа, иако има заостанати нарачки. Директорот Рува Рајнеке вели дека од час во час ги анализира цените на струјата најавени за следниот ден за да одлучи дали и кога може да си дозволи да работи.

Има сè повеќе часови кога е едноставно премногу скапо да се произведува челик, објаснува Рајнеке.

Последиците се протегаат многу подалеку од и ја тестираат економијата која досега се покажа изненадувачки отпорна на новиот енергетски шок. Дел од притисокот останува прикриен. Десетици милиони домаќинства се заштитени преку фиксни или регулирани тарифи, додека многу големи индустриски потрошувачи ја купуваат струјата со месеци, па дури и со години однапред.

Но, тие заштитни механизми имаат рок на траење, што значи дека долготрајните високи цени на крајот ќе мора да се почувствуваат кога ќе дојде времето за обновување на договорите.

Обновливите извори на енергија помогнаа во ублажувањето на влијанието од повисоките трошоци за енергија. Во текот на летото и раната есен, рекордното производство на сончева енергија се совпадна со релативно ниската побарувачка за електрична енергија. Но, како што производството на сончева енергија опаѓа, а во зима потрошувачката се зголемува, Европа се потпира повеќе на ветерот - понестабилен извор, кој може нагло да падне во подолги периоди на мирно време.

Германските цени за следниот ден три пати во ноември се искачија над нивото од 300 евра, а во некои часови надминаа 600 евра кога мирното и облачно време го потиснаа производството од обновливи извори. Слични скокови на цените се случија низ целиот континент и во Британија.

Германската коалиција оваа недела се согласи да воведе намалување на данокот на струја за следната година за да ги ублажи растечките трошоци. Во случај на ран студ и намалување на резервите со гас, владата планира итно да ги вклучи во погон електраните на јаглен и нафта, кои ги чува во мрежна резерва за вонредни состојби.

23 ноември 2026 - 11:18