Палмер Лаки објаснува дека почнал да го развива проектот SLAB уште во 2014 година, со дел од 2-те милијарди долари што ги доби од Фејсбук за неговата поранешна компанија Oculus VR.
Тоа е всушност проширување на идејата на повеќето технолошки компании за конструирање огромни центри за податоци на море наместо на копно, каде што се ограничени локациите со пристап до вода и енергетската мрежа. Многу инвестиции во овие дата-центри се загрозени и од отпорот на локалните заедници, кои одбиваат во нивно соседство да се кренат џиновски објекти што бучат, грејат и цицаат струја и вода.
Откако неколку негови блиски пријатели во 2017 година прифатиле да се вклучат во проектот, вредноста на SLAB била проценета на 1 милијарда долари. Решил самиот да го објави планот пред да го откријат медиумите и да го сместат во категоријата „пловечки дата-центри“. Лаки тврди дека SLAB е „многу поинтересен“ проект. Градот SLAB би имал животен век од 1.000 години.
Основната цел е да понуди поевтина алтернатива од работењето на копно. Секундарната, која можеби е и поважна, е објектот да биде надвор од дофатот на државните и локалните закони.
SLAB во суштина би бил цела населба во која луѓето ангажирани за одржување на центрите за податоци би можеле долгорочно да живеат. Изолираноста од јурисдикциите би им дало политичка автономија на оние што го сметаат океанот за свој дом и можност да испробаат различни форми на владеење.

Тоа е стара идеја на непрофитната организација Seasteading Institute. Уште во 2008 година, милијардерот и инвеститор во ризичен капитал, Питер Тил, вложи 1,7 милиони долари во проект за создавање заедници од стартап компании што пловат по океанот и уживаат висок степен на политичка автономија. Десетина години подоцна Тил се повлече од управниот одбор и истакна дека планот е неостварлив.
Во време кога поголемиот дел од оние што се залагаа за изградба на автономна пловечка населба пушеа марихуана и сакаа да избегаат од САД, ова беше единствениот проект експлицитно дизајниран да ја направи Америка посилна, вентил за олеснување на лошо промислените или застарени правила и прописи, објаснува Лаки.

Контроверзниот основач на „Андурил“ не наведува која би била неговата лична улога во проектот. Во декември 2025 година тој ја разбранува дебатата за воена употреба на ВИ, истакнувајќи дека на технологијата треба да ѝ се дозволи да одлучува кој ќе живее и кој ќе загине.
Не гледам морална предност во користењето на инфериорна технологија во војна, изјави Лаки.
Неговите ставови добија на тежина откако шефот на Пентагон, Пит Хегсет, го назначи Лаки за копретседател на работната група Project Meridian, задолжена да изработи проекции за иднината на војувањето и да предложи нови технологии и оружје што ќе ѝ бидат потребни на американската војска во наредните 10 до 20 години. Другите копретседатели се Илон Маск и Њут Гингрич.
******
Види и: Маск ќе ја крои иднината на војувањето