Пентагон ги претстави проектот Меридијан за проучување на иднината на војувањето, со кој ќе раководат директорот на SpaceX, Илон Маск, основачот на Anduril, Палмер Лаки, и поранешниот спикер на Претставничкиот дом, Њут Гингрич. Проектот ќе трае 120 дена и ќе заврши со јавно достапен извештај со препораки.
Ќе го користиме изворот на американска предност, нашите иноватори, директори, технолози, луѓе со големи идеи и способност за реализација, кои ќе понудат креативни решенија за конфликтите на иднината... „Меридијан“ не е замислен како проект за изработка на документи и политики. Ќе се испитуваат домените и способностите што мораме да ги совладаме. Нивната работа ќе биде фокусирана на откривање, развивање и воведување во употреба на оружјето и системите што ќе им бидат потребни на нашите деца и внуци, изјави министерот за одбрана, Пит Хегсет.
Компаниите на Маск и на Лаки веќе имаат склучено големи договори со Пентагон. SpaceX е столб за лансирањата на сателити за национална безбедност, а Anduril обезбедува системи за попречување на сигнали, пресретнувачи, ракетни мотори и роботизирана придружба во борба.
Пентагон најави и формирање нова Команда за автономно војување, раководена од генерал со четири ѕвездички, која ќе го надгледува воведувањето на автономни и роботски капацитети во време на брзата трансформација на војувањето.
САД долго време се потпираа на својот огромен воен буџет за да ги опремат своите сили со најскапи и најнапредни оружја во светот. Војните во Украина и во Иран покажаа дека поедноставни и поевтини оружја, пред сè автономни дронови и ракети, веќе доминираат на бојното поле над тенковите и артилеријата.
Сведоци сме на брз напредок во вештачката интелигенција, автономијата, насочената енергија, роботиката, биотехнологијата и други критични високотехнолошки области. Овие нови домени, нови начини на борба и технолошкиот развој длабоко ќе го променат карактерот на војувањето, пишува во меморандум на Пентагон.
Хегсет ја искористи промоцијата на проектот за да ја потврди политиката против „воук“ културата во војската. Пентагон веќе им забрани на трансродови лица да служат во вооружените сили, ги укина програмите за различност, спроведе ревизија на копнените борбени единици во кои има жени и воведе проверка на нивото на тестостерон кај машкиот персонал.
Во војската нема место за дебели, трансродови, брадосани, чудаци, слабаци и радикали… Идеолошките кловнови си заминуваат. На сцена стапуваат патриотските каубојци, изјави Хегсет.
Министерот потврди дека ќе бидат отпуштени околу 20% од високите офицери. Во Армијата, Морнарицата, Корпусот на маринците, Воздухопловните сили и Вселенските сили има повеќе од 800 активни генерали и адмирали. Откако Хегсет е на челото на Пентагон, биле отпуштени или сами заминале од должност најмалку 20 генерали и адмирали.