Нов документарец за еден музички подвиг

Херојската изведба на Симфонијата бр. 7 на Шостакович

Во воена опсада, кога луѓето умираат по улици од глад, последно на коешто човек би помислил е музика. Но изведбата на едно дело во Ленинград во 1942 имала огромно психолошко влијание врз неговите жители.

Шостакович бил необичен човек. Неговата ќерка сведочи дека бил опседнат со чистота и ред, постојано ги синхронизирал часовниците во нивниот стан, и си праќал разгледници самиот на себе, за да провери дали поштата добро работи. Ги читал Гогољ и Чехов, а запрашан дали верува во Бога одговарал: „Не, за жал".

Во 1936 паднал во немилост на медиумите и на власта по изведбата на неговата опера „Лејди Магбет од регионот на Мтсенск" во Бољшој, на која присуствувал Сталин и неговите блиски соработници. Водачот на секое погласно свирење на оркестарот правел гримаси, а заедно со колегите исмевале љубовна сцена помеѓу главните ликови. Сведоци велат дека Шостакович на сцената по крајот на претставата излегол „бел како чаршаф". И покрај неговото дистанцирање од владеачката елита, тој до крајот на животот се обидувал да придонесе, како уметник и како човек, за неговата земја. Кога во 1941 почнала војната помеѓу СССР и Германија, тој се пријавил за војска, но бил одбиен заради лошиот вид. За да компензира станал волонтер во пожарната бригада на конзерваториумот во Ленинград, и правел емисии за ленинградското радио.

Сепак, како негов најголем влог во руската, и воопшто во светската историја на музиката се смета неговата Седма симфонија, позната и како „Ленинград“. Иако почнал да ја пишува во чест на Ленин, кога таа била завршена декември 1941 тој ја посветил на Ленинград, како симбол на неговиот отпор на нацизмот, и музички тестамент за жртвите, кои на крајот на 900 дневната опсада на градот, почната на 8 септември а официјално завршена на 27 јануари 1944, броеле половина милион.

Приказната за нејзината изведба во Ленинград во август 1942 е неверојатна. Во нов документарец на Би-би-си, „Ленинград и оркестарот кој го победи Хитлер", таа е раскажана е преку сведоштво на две жени кои биле во публиката во големата сала на Филхармонијата, Олга Кваде и Тамара Королкевич, сега на 90 годишна возраст.

Нивната приказна, комбинирана со историските податоци, вели вака: Шостакович бил евакуиран од Ленинград со неговосто семејство во октомври 1941, и го компонирал финалето на Седмата во Кјубишев, каде делото ја имало својата премиера. Но онаа Ленинградската од август 1942 била изведена од преживеаните музичари на Ленинградскиот радио оркестар, потпомогнати од воени музичари. Повеќето од музичарите биле прегладнети, често паѓале во несвест во текот на пробите, а тројца и умреле. Самиот диригент најпрвин морал да биде довлечкуван на санки на пробите, за потоа партијата да му најде стан во близина на театарот Пушкин каде се пробало, и да му купи велосипед. Граѓаните, иако и самите очајни за храна, донирале кој колку можел за музичарите, а за греење биле користени топли тули. Инструментите биле во лоша состојба, а немало многу живи занаетчии кои можеле да ги поправат - на еден обоист му била побарана мачка во замена за поправка, бидејќи мајсторот веќе ги имал изедено своите.

Најинтересна е приказната за Џајдат Ајдаров, тапанарот на оркестарот, кој буквално бил спасен од мртвите. Ајдаров веќе бил однесен во мртовечница, кога очајниот диригент, Карл Елијасберг, отишол за да провери дали еден од најважните инструменталисти е навистина таму. За чудо открил дека Ајдаров сепак не е мртов, дека дише и се движи. На концертот тој имал и најнапорна улога, бидејќи токму тешките удари на тапанот кој го симболизираат немилосрдениот чекор на војната се главниот звук во првиот став.

Концертот бил најавен преку радио од диригентот, во салата биле присутни голем број партиски водачи и цивили, а броен народ ја слушал изведбата преку прозорците или преку звучници. Музичарите биле облечени како „зелки", со повеќеслојна облека за да го спречат тресењето од глад. Кога на некој од нив ќе му се слошело публиката станувала на нозе за да го охрабри. Изведбата, иако од уметничка гледна точка била слаба, имала огромно емоционално влијание врз присутните и врз сите кои барем слушнале за неа, како музичка биографија на страдалничкиот Ленинград и надеж за негово ослободување. Овациите по крајот на концертот траеле цел час. Додека тој се одвивал, советската војска спроведувала напад кој имала за цел да ги стиша германските сили во текот на изведбата, а бил пренесуван преку звучници на самиот фронт така за да може да го чуе и германската страна, како форма на психолошка војна.

Кога информацијата за она што се случило се пронела низ светот, Шостакович добил статус на херој - тој со неговиот пожарникарски шлем бил на насловната страница на Тајм од 1942. Наскоро изведби на Седмата имало и во Лондон и во Њујорк, како симбол на меѓународна солидарност во борбата против нацистите. Како таква, таа и денес претставува значајно парче историја на 20-тиот век.

Целиот документарец на Би-би-си

 

4 јануари 2016 - 17:30