Што е „хиралност“ и како една огледална слика може да резултира со катастрофа?

Погледнете си ги рацете. Левата и десната изгледаат исто, но ако се обидете да ги ставите една врз друга, тие не можат совршено да се поклопат. Тоа е затоа што тие се огледални слики, но не се идентични. Во хемијата, оваа појава се нарекува хиралност, и се јавува кога молекулата има таква структура што не може да се совпаѓа со својата огледална слика. Ако ова не се земе предвид, на пример во фармацијата, можни се фатални последици кои се случиле во 1960-тите во 46 земји во светот.

Фактот дека огледалните слики во одредени ситуации се само приближни е особено важен во биологијата и медицината. Наречен „хиралност“, овој феномен го добил името според старогрчкото „хеир“ односно рака. Телото е составено од молекули што се сами по себе хирални – ензими, рецептори, протеини. Тоа значи дека кога внесуваме некоја хемиска супстанца, како што е лек, нашето тело препознава дали таа молекула е „леворачна“ или „деснорачна“. Во некои случаи, едната форма може да биде терапевтски корисна, додека другата да биде неефикасна, или уште полошо – токсична.

Во средината на минатиот век, лекот талидомид бил промовиран како безбеден седатив и средство против утринска мачнина кај бремени жени во дури 46 држави. Во тоа време, не постоеле строги регулативи ниту пак знаење за хиралноста како што има денес. Ова довело до една од најголемите медицински катастрофи на сите времиња.

Талидомидот постои во две форми односно во два огледални облици: еден со седативен ефект, и друг што предизвикува сериозни малформации кај фетусот. Лекот се продавал како комбинација од двата, бидејќи тогаш не се правела разлика меѓу нив.

Како резултат на тоа, илјадници деца се родиле со деформитети на екстремитетите – без раце, без нозе, со нарушен развој. Подоцна било откриено дека „безбедниот“ енантиомер (оној со седативен ефект) дури и кога се дава сам, може во телото да се претвори во тератогениот – опасниот облик. Оваа појава се нарекува хирална инверзија и уште повеќе ја комплицира безбедната употреба на хирални лекови.

Во САД прва која обрнала внимание на ова била фармакологот Франсис Олдам Келси, која и покрај притисокот од фармацевтските компании го обелоденила скандалот. Иако талидомидот на почетокот на 1960-тите не бил одобрен за продажба во САД, биле дистрибуирани над 2.5 милиони таблети за наводно клиничко тестирање. Се претпоставува дека докторите им ги поделиле на 20.000 пациенти, од кои неколку стотини биле бремени жени. За своето залагање и алармирање на јавноста, Келси во 1962 го добила признанието за извонреден федерален граѓански сервис од претседателот Џон Ф. Кеенеди. 

Талидомидот довел до големи промени во регулативата и научниот пристап кон развојот на лекови. Трагедијата со него останува еден од најсилните примери колку е важно внимателното проучување на структурата на лековите.

Хиралноста не е само хемиска финеса – тоа е суштинска карактеристика што може да одреди дали нешто може да биде корисно или смртоносно. Toкму затоа загрижуваат вестите дека се работи на тн. „огледална бактерија“ која би ја проучила хиралноста и евентуално би ја разрешила мистеријата зошто сите молекули на живи организми се „леворачни“. 38 водечки научници меѓу кои бројни добитници на Нобеловата награда пред неколку месеци предупредија дека ваквата бактерија кога еднаш би се нашла во природата би можела да ги помине имунолошките одбрани на природните организми ставајќи ги луѓето, животните и растенијата во огромен ризик од смртоносни инфекции. 

18 јули 2025 - 17:37