Елон Маск објави два пакета: за домаќинство, батерии од 7 и 10 киловат часови (Пауервол), и за бизниси, батерии со капацитет од 100 киловат часови (Пауерпак). Батериите за домаќинство ќе чинат 3.000 и 3.500 долари, ќе држат максимум 2 дена нормално користење во случај да снема струја, и ќе може да се направи мрежа од најмногу 9 Пауервол комплети на еден објект.
Системот дозволува полнење на батериите преку сончеви колектори, а во случај да ти треба струја остава енергијата да ги бајпасува батериите и директно да се користи во домаќинството. Исто така имаат опција и да се полнат од регуларната електрична мрежа (на пример кога е евтина струја).
Тука следува вториот дел од планот за нарушување на доминацијата на производителите на електрична енергија. Во случај да ти се полни батериите, а и понатаму собираш енергија (од сонце, ветар или што и да е), батериите вишокот енергија го враќаат во електричната мрежа, за што дистрибутерите на електрична енергија почнуваат на тебе да ти плаќаат за секој вишок киловат часови што си им го вратил назад (кој тие потоа го препродаваат).
За третиот (и најскап) дел од планот и комплетирањето на личната енергетска независност ти треба Тесла автомобил, кој е дизајниран да се полни на штекер за струја. Твојот ќар е што го полниш со струја од пакетот батерии кои претходно си ги наполнил од сончева енергија, со што доаѓаш до цената од 0 денари за гориво на 100 километри.
Планот за претворање во најважниот човек во производството на сончева енергија Маск го комплетира со компанијата за производство на панели за сончева енергија СоларСити, која е основана од двајца негови роднини, а тој е претседател на бордот. Компанијата го има вториот по големина удел на пазарот за собирање сончева енергија во САД.
Мастер планот на Маск прво ги ослободува потрошувачите од високите цени на електричната енергија, кои можат само да растат, плус им дозволува да заработат нешто. Во исто време ја олабавува мрежата за пренос на електрична енергија затоа што сега луѓето трошат струја од батерии и има позитивно влијание на околината заради помалата потреба од производство на електрична енергија од термоцентрали и нуклеарки. (Придобивката од последниот дел е релативна ако се има предвид процесот за производство на литиумски батерии и загадувањето од него.)
Пакетот на Маск користи литиумски батерии, технологија која беше клучна во продолжување на животниот век на мобилните уреди, меѓутоа во исто време и доста проблематична заради прегревањето кое предизвикува пожар и топење на батериите. Како и кај Тесла автомобилите, Маск проблемот го решава така што наместо една голема батерија, тој спојува илјадници мали батерии. Со ова тој го намалува ризикот од прегревање бидејќи сега ниту една батерија не е доволно голема за да може да произведе доволно големи количини енергија кои би предизвикале пожар. На ова тие имаат и дополнително осигурување па е додаден и течен систем за ладење, плус батериите се поделени на прегради за и во случај да избувне пожар тој да не се прошири.
Еве го неговиот говор во кој ги објави пакетите за дома: