Дигитализацијата во Естонија не застана на проектите е-дневник, е-влада или е-здравство. Граѓаните со години наназад на избори гласаат преку своите мобилни телефони, што е незамисливо и за најразвиените земји во светот, во кои се уште се водат жестоки политички спорови за легалноста на гласањето и за изборни измами.
Во деведесеттите, кога ја вративме нашата независност, буквално почнавме од нула и ја дигитализиравме целата земја. Во Естонија, речиси сè е онлајн. Навикнати сме на новите технологии и научивме да ги користиме во наша корист“, изјави естонскиот претседател Алар Карис во интервју за Њузвик.

Пред да влезе во политиката, Карис работел како молекуларен генетичар. Тој нагласува дека дигиталните системи носат повеќекратни придобивки - од заштеда на јавни пари до зголемена транспарентност.
Со дигитализацијата сè е потранспарентно. Има помалку корупција и, секако, заштедуваме пари. Проценките покажуваат дека само дигиталното гласање ни заштедува околу 2% од БДП и две до три недели работа годишно, вели претседателот.
Дигитализацијата донесе и поинаков вид предизвици. Кибернетската безбедност и политизацијата на дигиталното гласање се меѓу најчестите грижи на граѓаните, но Естонија се справува со нив со редовни безбедносни ревизии и тестови за ранливост.
Подготвени сме. Кибер-напади има 24 часа на ден. Знаеме од каде доаѓаат. Не само од Русија, туку од целиот свет. Постојано инвестираме во безбедноста, нагласи Карис.

Претседателот го спореди естонскиот пристап со оној на Кина, истакнувајќи дека неговата земја направила уште поголеми чекори.
Кина не почна од нула, туку првично копираше сè, потоа ги образуваше своите луѓе, ги испраќаше на најдобрите универзитети во светот и сега ги враќа дома. Сега тие се успешен пример што другите се обидуваат да ги копираат. Поентата е дека мора да ги држиме очите отворени и да учиме од другите, без да ги стигматизираме. Ако имате лидери што го разбираат напредокот, промените можат да се случат многу брзо, вели Карис.
Дигиталната трансформација сега се шири во образованието. Иницијативата „AI Leap“ опфаќа воведување на прилагодена верзија на ЧетГПТ во училиштата. Додека многу земји забрануваат користење јазични модели со ВИ во наставата, во Естонија тоа се охрабрува. Сите училишта и наставници добиваат алатка со вештачка интелигенција прилагодена за наставата. Прво се едуцираат наставниците, а потоа и учениците.

Вештачката интелигенција е веќе околу нас, не можете да ја игнорирате. Нејзината употреба во наставата не е задолжителна, но е достапна за сите. Наставниците сами одлучуваат колку и како ќе ја користат. Користиме различни учебници, технологии и пристапи, вели Карис.
Естонија е на 16-то место во светот според Глобалниот индекс на иновации за 2025 година. Член е на ЦЕРН, на Европската вселенска агенција, Евроатом и УНЕСКО. Издвојува околу 1,5% од својот БДП во истражување и развој, нешто помалку од европскиот просек, но со исклучителни резултати во примената на знаењето и дигиталните технологии. Земјата, исто така, има највисок сооднос на стартапи по жител во светот – по еден на секои илјада жители.
Естонија е исто така првата земја во светот што спонзорира генетско тестирање на своите граѓани со цел да се спречат болести поврзани со генетски фактори, како што се дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања. Во пилот-проект во кој учествуваат 100.000 граѓани, владата планира да обезбеди персонализирани препораки за здрав начин на живот врз основа на анализа на ДНК.