Во Германија затворија 65.000 дуќанчиња

Бројот на мали дуќани во Германија драстично се намалил во изминатите две децении. За тоа постојат низа причини, но главната е конкуренцијата од големите и побогати продавници. Сопствениците сè почесто банкротираат, но страда и целиот град, кој го губи својот идентитет, паралелно со поскапиот живот и огромниот скок на криминалот.

Во Германија во 2010 година имало 236.143 мали продавници со годишен промет понизок од 250.000 евра. За 2025 година, статистиката за данок на промет покажува дека останале само 170.770 такви продавници, што е пад од 28%, покажува неодамнешна анализа на кредитната агенција Creditreform и Истражувачкиот институт Handelsblatt.

Во истиот период, бројот на сите продавници се намалил за 16%, што значи дека големите ги „јадат“ малите. 

Според извештајот, вкупно остануваат нешто повеќе од 316.000 мали и средни продавници, со речиси никакви финансиски резерви, што е лош знак за борбата против зачестените банкроти. Лани банкротирале 2.440 трговци на мало, што е зголемување од 9% во однос на 2024 година. Особено биле погодени продавниците за модна облека, книжарниците и пекарите.

Федерацијата за малопродажба (HDE) предупредува дека бројот на дуќани би можел да падне под 300.000 до крајот на оваа година, загрозувајќи ја виталноста на градските центри.

Малопродажбата е секторот што најбрзо опаѓа во германската економија. Најмногу се погодени специјализираните продавници во градските центри, на споредните улици и во трговските центри, наведува Creditreform.

Економистот Патрик-Лудвиг Ханч, посочува на комбинација од фактори: инфлација, слабост на потрошувачите, зголемени оперативни трошоци и повисок притисок од конкуренцијата.

Затворањето влијае врз квалитетот на животот во градовите.
Истражување на Институтот на малопродажбата во Келн укажува дека празните излози во центарот го нарушуваат имиџот на градот, ги обесхрабруваат посетителите, го намалуваат пешачкиот сообраќај и предизвикуваат финансиски загуби за општините и блиските бизниси.

Со згаснувањето на дуќанчињата многу градски центри ја губат својата посебност, а со тоа и своето срце, вели директорот на HDE, Штефан Гент.

Во исто време дисконтите што не се за храна, како Action, Tedi, Hema, Woolworth и Thomas Philipps, го зголемуваат пазарниот удел во продажба на апарати за домаќинството, играчки, канцелариски материјал и во други категории. Анкета на Институтот од Келн покажа дека 85% од Германците купувале во такви продавници во последните две години.

Creditreform вели дека и градовите и трговците на мало мора да се прилагодат. Традиционалните градски центри повеќе не се фокусирани на шопинг, па градските планери треба подобро да ги комбинираат просторите за купување, слободно време, јадење и живеење. Дуќанџиите се охрабруваат да се специјализираат, да се фокусираат на клиентите и да им нудат уникатни искуства за да останат конкурентни.

2 јуни 2026 - 12:21