Мешани пораки, лоша проверка на факти, бизарни конструкции, неконзистентна нарација, досадни паралели, контрадикции и цели делови во кои никој не е сигурен „што писателот сакал да каже“. Тоа не звучи како нешто што е диктирано од божја промисла.
Добро напишана книга треба да биде јасна и концизна, со прецизни фактички тврдења и карактери кои не се дводимензионални или пак имаат проблем со MPO (multiple personality disorder). Освен ако и во реалноста не биле такви. Книга напишана од Бога би требало сто-нула да го тепа Шекспир во трајноста на пораките, Стивен Хокинг во научната прецизност, Солженицин во етичката кохерентност, Пабло Неруда во поетичноста или Дежуловиќ во луцидноста.
Библијата ни оддалеку не ги допира овие стандарди а очигледниот одговор е дека и Библијата и другите свети книги, како Куранот или Книгата на мормоните, се напишани од - луѓе. Но, таа не е само што не е перфектна туку, според стандардите на литературната критика, реално е лошо напишана, до толку што илјадници книги подоцна се напишани од луѓе кои искрено се обидувале да протолкуваат што таму навистина е напишано. Нивните заклучоци се толку непомирливи што тоа е една од причините заради која христијанството се има поделено на дури 40.000 гранки и подгранки.
За почеток, потсетување дека тоа не е една унифицирана книга туку колекција од текстови и фрагменти напишани од многу автори. Точниот број не може да се утврди прецизно но е јасно дека меѓу нив се луѓе со различни јазични вештини, културолошки и технолошки опкружувања.
Во неа има преземени делови напишани од луѓе кои живееле 800 години пред христијанството. А последните автори живееле 100 години после Христа. Тоа се 900 години разлика. Денес мајка и син нема да се разберат меѓу себе кога малиов за некои јаки патики ќе каже „Колку се болни!“ а таа ќе се загрижи од спомнувањето на болест. А не па да правиме муабет за 900 години разлика. Башка, некои од содржините се уште постари и се преземени од усните традиции на сумерската цивилизација, како што се месопотамиските приказни за потопот, односно Гилгамеш кој потоа станува Ное.
Како резултат на сите тие различни контексти и толкувања, денес постојат две различни приказни за постанокот, три комплета од по 10 Заповеди и четири контрадикторни верзии на Велигден.
Еден од најдобрите познавачи на Библијата, Барт Ерман, има напишано книга за сите фалсификати во Новиот завет, текстови кои се потпишани со силни авторитети за напишаното да има поголема уверливост. Тоа била толку честа пракса меѓу раните христијани, што се проценува дека речиси половина од Новиот завет има лажно авторство. Зад секој завет (кој носи име на еден „првотимец“) стојат по неколку автори, секој од нив со желба да го зацементира своето гледање припишувајќи му го на проверениот авторитет.
Христијаните ја третираат Библијата како унифицирана основа на божјето провидение но во реалност таа е мешавина од различни жанрови: древни митови, песни за обожување, упатства за ракување, поезија, политички коментари, пропаганда, мистицизам... Ниту на најупатените преведувачи ниту на врвните црковни авторитети сиве овие векови не можеле со сигурност да кажат кој жанр го читаат во некој нејзин дел.
Текстовите првично биле пишувани на хебрејски, арамејски и грчки (се разбира, не во денешните верзии на тие јазици). Кога римо-католичката црква почнува да расте, ги преведуваат тие текстови на тогаш модерниот латински, нарекувајќи ги Стариот Завет. Ги преведуваат и текстовите од раните следбеници на Исус, ги канонизираат и ги нарекуваат Новиот завет.
Кога во 80-тите години на минатиот век, американските протестанти се откажуваат од битката против абортусот, некои издавачи го ре-преведудуваат спорниот пасос околу смртта на фетусот и смртта на личноста па тој добива ново значење.
Контрадикторностите во Заветите не значи дека нивните пишувачи биле збунети. Тие многу добро ги знаеле своите цели и својата публика. Посланието по Матеј (патем, неавторизирано од Матеј) имало за цел да собира фанови меѓу предците на денешните Евреи, па Тајната вечера е ситуирана за Пасха. Посланието по Јован пред себе ги имало паганските верувања на стариот Рим па истата вечера временски е поинаку ситуаирана.
Оние кои се збунети се оние кои ја третираат Библијата како тие да се оригиналната публика а секој збор или реченица да е безвременска порака која Бог директно им ја праќа. Копнежот по збирка јасни одговори за замрсените прашања на човечките животи е она што дополнително ја замрсува ситуацијата.
На неверник може само да му биде криво што во Библијата никој не успеа да подметне некое правило кое, од спунт, многу ќе му завршеше работа на човештвото. На пример „Замивај се редовно под мишки“, „Немој да имаш секс со некој кој нејќе да има секс со тебе“ или „Тоа што си извреѓал некого на Фејсбук, не значи дека си го фатил Господ за јајца“.