Жестоките акции на армијата на Бурма (Мијанмар) последниов месец натераа во збег околу 400.000 Рохинџа муслимани кои се засолнија во соседниот Бангладеш, нешто што од комитетот за човекови права на ОН го оценија како „учебникарски пример за етничко чистење“.
Воените операции беа одговор на активностите на АРСА (Ослободителна армија на Рохинџа), милитантна муслиманска групација поврзана со Пакистан и Саудиска Арабија, која кон крајот на август нападна неколку пункта на безбедносните сили.
Меѓународната заедница речиси едногласно ја осуди агресивноста на државната армија. Лавина критики се упатија на адреса на лауреатката за мир Аунг Сан Суу Куи која е и де-факто лидер на Мијанмар заради нејзиниот пасивен однос кон кризата и човечките страдања.
Но, онаму каде што меѓународните хуманитарни групи од Запад гледаат прогонување на едно малцинство, мнозинството луѓе во Мијанмар гледат упад на агресивна групација од надвор, група со сепаратистичка агенда, исламистичка идеологија и странско финансирање. Токму овие непремостиви разлики во перцепцијата на суштината ги прават ваквите проблеми невозможни за надминување.
И самата нобеловка пробува да објасни дека наталожените конфликти во нејзината земја не можат да се сведат на звучни оценки за “етничко чистење“ ниту пак да се објаснат со едноставниот однос мнозинство - малцинство.
Тензиите меѓу муслиманите кои зборуваат бенгалски и нивните будистички сограѓани од федералната единица Ракине (Мијанмар има една ужасно компликувана административна поделба) траат со децении, ако не и со векови. Клучниот момент е 1982 година кога хунтата во Бурма носи закон со кој се идентификуваат вкупно 135 етницитети кои можат да добијат државјанство. Рохинџите не се на списокот, иако уште од бурманската независност ов Британија во 1948 година уживаат вообичаени граѓански права. На овој начин, Рохинџите преку ноќ го губат својот граѓански статус. Во годините кои следат нивните положба се влошува и често се мета на насилство. Особено по едно силување на будистка пред пет години за што беа обвинети група муслимани па се истури религиозен гнев кон Рохинџите по што 140.000 лица побараа засолништа по кампови во помирните делови на Мијанмар.
Како резултат на меѓународниот притисок, властите во Мијанмар се согласуваат на Рохинџите да им понудат условено граѓанство, ако се регистрираат како Бенгалци а не како Рохинџа. Иако многу муслимани во Ракине претходно биле индиферентни како ќе ги ословуваат, годините минати под репресија ги хомогенизира, им го буди инаетот па предлогот го доживуваат како понижувачки.
„Активистите и лидерите на таа заедница се особено чувствителни на името. Во името гледаат заштита на својот идентитет и достоинство“, објаснува Дерек Мичел кој беше американски амбасадор во Бурма меѓу 2012 и 2016 година.
Од друга страна, за властите во Мијанмар токму во ова име се содржани скриените опасности за земјата. Ако владата ги признае муслиманите од Ракине како етничка група Рохинџа, според законот за државјанство од 1982 година - истиот оној со кој им беше одземен статусот - должна е да дозволи автономија на муслиманите.
А самите Ракини се етничко малцинство во Бурма, иако доминантно се будисти, исто како 88% од вкупната популација во земјата.
Историските корени на оваа турлитава потекнуваат од периодот по Втората светска војна, кога на потомците на Рохинџа нај при срце им е Пакистан (кој во тоа време го држи и Бангладеш) па бараат од своите постари браќа да ја анектираат и нивната територија. Пакистан не го прави тоа, па овие сами се организираат во оружено сепаратистичко движење кое е најактивно до 60-тите години но го има и до 90-тите.
„Не сакаме муслиманите да ја проголтаат нашата земја. Тие нема да сопрат со Ракине, ќе сакаат и други региони. Ова не е муслиманска земја. Срамота е ако успееме да ја изгубиме земјата која сме ја наследиле од нашите предци“, вели уредник на еден будистички весник.
И оди сега ти натерај ги да се разберат.
На Обединетите нации тоа сепак им е работа па формираа Советничка комисија за Ракине, предводена од еден несомнен авторитет, поранешниот секретар Кофи Анан.
Комисијата издаде свои препораки меѓу кои и барање за ревизија на спорниот закон за државјанство.
Лидерката на Бурма ги поздрави препораките и рече дека ги прифаќа.
Само неколку часа подоцна АРСА ја нападна армијата а оваа возврати без усул, што ја враќа целата приказна на самиот почеток.