
Американскиот претседател ќе пристигне на самитот со Владимир Путин „вооружен“ со голем број понуди за заработка за Русија. Трамп веќе најави дека Украина ќе мора да прифати територијални отстапки ако сака мир, но планира на картата да прекројува и пристап до големите рудни резерви на Украина.
Извори на Телеграф тврдат дека во подготовката на самитот бил вклучен и американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој ги истражувал економските компромиси што САД можат да ги направат со Русија со цел да се забрза договорот за прекин на огнот. Бесент разгледувал кои економски санкции може да бидат укинати за Москва, а кои може да бидат дополнително воведени ако Путин одбие договор. На врвот на списокот со олеснувања се американските санкции за руската авиоиндустрија.
Идејата на американскиот претседател, според изворот на Телеграф, е да ги задоволи очекувањата на Киев со безбедносни гаранции од САД што би одвратиле руски напади во иднина. На Москва, пак, ќе ѝ понуди пристап и заеднички проекти во експлоатацијата на рудното богатство на окупираните територии. Се проценува дека Украина поседува околу 10% од светските резерви на литиум. Двете најголеми наоѓалишта се на територија под окупација на руските сили.
Во мај, САД потпишаа договор со Киев со кој добија дозвола да ги користат изобилните природни ресурси на Украина. Со руска соработка Вашингтон би можел да ги забрза проектите за експлоатација.
Трамп е спремен да ја продлабочи економската соработка со Москва и со заедничка експлоатација на енергетските резерви во регионот помеѓу Русија и Алјаска, каде што според проценки има 13% од неексплоатираните светски резерви на нафта и гас. Тоа би ги зајакнало стратешките интереси на Русија во арктичкиот регион.
Како модел за одржување на безбедноста по територијалното разграничување би послужила израелската окупација на палестинската територија Западен Брег. Окупираните територии само на хартија би останале во границите на Украина, а Русија би имала целосна воена и економска контрола.
Путин ќе се соочи со тешки последици ако не се согласи да ја заврши војната во Украина, изјави вчера Трамп, по телефонските консултации со европските лидери и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп најави и дека по средбата со Путин во Алјаска ќе побара уште еден самит, на кој би учествувал и Зеленски.
Ако првата средба помине добро, набрзо ќе имаме уште една. Би сакал да го направам тоа речиси веднаш, и ќе имаме брза втора средба меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски и мене, ако ме сакаат таму, додаде Трамп.