Нов закон во Белгија:

Затворени врати повеќе нема да спасат мигранти од депортација

Белгиските пратеници го изгласаа контроверзниот закон со кој на службата за имиграција ѝ се овозможува ненајавено да упаѓа по приватни домови за да приведува нелегални мигранти што добиле налог за депортација. Претресите ќе бидат ограничени на лица на кои им е одбиено барањето за азил во Белгија и кои се сметаат за закана за јавната безбедност.

Целта на законот е да се протераат силувачи, лица осудени за кривични дела поврзани со дрога, како и лица што шират говор на омраза. Тие луѓе повеќе нема да можат да се кријат зад затворени врати, истакнаа министерствата за имиграција и за правда, кои го предложија законот.

За претрес на домовите Службата за имиграција мора да добие налог од истражен судија. Во приватните домови ќе може да влезе само во периодот од 5 до 21 часот, во придружба на полицајци. Службениците ќе имаат право да уапсат лица што одбиваат да спроведат налози за депортација и за кои е утврдено дека се потенцијална закана за националната безбедност и јавниот ред.

Опозицијата и групи за граѓански права извршија голем притисок за отфрлање на законот. Во средата вечер, спроти почетокот на расправата, околу 3.000 луѓе формираа човечки синџир околу Палатата на правдата во Брисел. Низ градовите во целата земја беа организирани повеќе од 50 собири.

Пратнеичката Мајке Де Врис од владејачката партија предупреди дека пратеници и невладини организации шират дезинформации за да го засилат отпорот.

За кого, по ѓаволите, го правите тој човечки синџир? Тоа е шамар в лице за нашите полициски сили и службите за имиграција, кои секојдневно се соочуваат со реалноста и ги спроведуваат овие проверки во домовите, изјави Де Врис.

Министерката за азил и интеграција Анелен ван Босујт претходно истакна дека од вкупно 40.000 мигранти што поднеле барање за азил во Белгија, близу 15.000 веќе добиле заштита во некоја друга земја-членка на ЕУ. Се префрлаат во Белгија за да го искористат системот со традиционално високи социјални бенефиции.

Згрижувањето на барателите на азил нè чини речиси 1 милијарда евра годишно. Додека во изминатата година бројот на барања за азил во цела ЕУ се намали за 12%, во Белгија се зголеми за 12%. Притисокот врз нашиот систем за социјална заштита, образованието, домувањето и јавната безбедност станува неподнослив, предупреди министерката.

Во нејзиниот мандат владата веќе воведе забрана за азиланти што доаѓаат од други европски земји и построги критериуми за оние што во Белгија сакаат да донесат и членови на своето семејство. Засилени се и мобилните контроли по автопатите и во меѓународните автобуси.

Нашиот систем за азил постои за да ги заштити луѓето што бегаат од војна или прогон, а не за да им овозможи да избираат каде ќе добијат најдобри социјални бенефиции, нагласи Ван Босујт.

6 ноември 2026 - 11:19