Претходните администрации во Вашингтон ја користеле УСАИД како оружје за промовирање радикална агенда спротивна на американските вредности и за замолкнување на медиумите и платформите, се наведува како увод во објавата на новиот пакет документи.
Датотеките вклучуваат е-пошта, снимки, агенди за состаноци и нацрт-предлози до службеници во администрацијата на Џо Бајден, во кои делумно се детализирани како се барало од компаниите на социјалните медиуми да модерираат содржина и да го намалат рангирањето на медиуми оценети како „ризични“.
Документите детално опишуваат како УСАИД развивал, ширел и спроведувал техники за следење на корисници на социјалните мрежи, за идентификување клучни зборови и за пријавување содржини класифицирани како „штетни“. Внатрешните насоки опфаќале креирање истражувачки профили, следење на онлајн заедници и заобиколување на модерацијата на содржини.
Набрзо откако Трамп се врати во Белата куќа го затвори УСАИД и укина 83% од неговите програми. Преостанатите, за кои беше оценето дека реално придонесуваат за развој, беа префрлени во рамките на Стејт департментот. Притоа беше укинато и финансирањето на странска помош која се троши нерационално и се злоупотребува за промовирање либерална агенда.
Документите во вкупен обем од 1,1 гигабајт се објавени на оригиналната веб-страница на укинатата агенција. Не е наведено дали базата ќе биде дополнета. Меѓу објавените документи се:
- Нацрт-предлог за партнерство со Фејсбук што вклучува зголемување на пристапот за локалните партнери и споделување на годишно ажуриран список на земји од загриженост;
- Белешка подготвена за УСАИД од Глобалниот индекс на дезинформации (ГДИ) во која се предлага соработка за идентификување на медиуми со висок ризик во три приоритетни земји и мерки за дефинансирање, намалување на рангирањето и деплатформирање на содржината;
- Барање за состанок со извршна директорка на Јутјуб за прашања што вклучуваат борба против дезинформациите на глобално ниво;
- Барања за отстранување објави на Фејсбук.
Едно од објавените видеа покажува како УСАИД се здружил со Глобалниот индекс на дезинформации за да цензурира известување за вести од медиуми кои не се левичарски. ГДИ е британска организација која ја проценува склоноста на новинските агенции кон дезинформации, со цел да ги убеди онлајн огласувачите да ги стават на црна листа „опасните публикации и веб-страници“.
УСАИД и ГДИ го стивнале известувањето во врска со лаптопот на Хантер Бајден, синот на поранешниот претседател Џо Бајден, и му се спротивставиле преку пропаганда, која потоа била пласирана до мејнстрим-медиумите. Даниел Роџерс, коосновачот и главен технолошки директор на ГДИ, признава дека организацијата помогнала да се намали ефектот од легитимно известување на „Њујорк пост“.
Ако се потсетиме на протекувањето информации за лаптопот на Хантер Бајден во „Њујорк пост“, објавени во периодот пред изборите во 2016 година, или пак пред изборите во 2020 година, тоа имаше сосема поинакво влијание врз кампањата, за разлика од влијанието што протекувањето на имејловите на Хилари Клинтон го имаше врз изборите во 2016 година, вели Роџерс.
Тој објаснува дека организации како „First Draft“ посветиле четири години на обука на редакциите за тоа „како изгледа кампања за дезинформирање, какви прашања треба да се постават, на што треба да се обрне внимание и како да се пристапи кон таквите појави“.
Објавен е и интерен меморандум од УСАИД во кој се покажува како соработувал со ГДИ за да ги убеди социјалните платформи да ги казнуваат странските медиуми чие известување е спротивно на нивните претпочитани наративи.
Целата база со документи е тука.