Британија воведува лиценци за ножеви

Во обид да ги смират дивеењата со ножеви и мачети по улиците, британските власти планираат да го изедначат студеното оружје со огненото. Нов предлог налага сите продавници да бараат специјална лиценца за продажба на предмети со сечила - од прибори за јадење до скалпели од алат. Се бара дури и регистрирање на секој што купува нож во продавница или онлајн.

Министерството за внатрешни работи го опишува предлог-законот за лиценци како прв од ваков вид во светот бидејќи опфаќа цел спектар на ножеви, а не одредени видови. Полицијата би добила овластување да издава тригодишни лиценци за сите видови дуќани, супермаркети, дури и онлајн продавници. 

На сопствениците со криминално досие би им било забрането да продаваат ножеви. Полицијата би можела да спроведе проверки на биографијата и да ги проверува просториите за да се осигури дека сите ножеви се чуваат безбедно.

Министрите сè уште ја разгледуваат препораката трговците на мало да ги бележат и да ги чуваат личните податоци на секој што купува нож, по сличен принцип на регистрацијата на огненото оружје.

Шефовите на полицијата препорачуваат казните за нерегистрираната продажба на ножеви да бидат построги отколку за поседување студено оружје - максимална казна од четири години затвор, парична казна без ограничувања или и двете.

Мерките се дел од напорите на владејачките лабуристи да ја исполнат обврската од својот манифест дека во рок од една деценија ќе ја преполоват стапката на криминал со ножеви.

Го зајакнавме законот за онлајн продажба на ножеви, но треба да одиме понатаму. Ако заработувате пари продавајќи ножеви, треба да бидете одговорни да се продаваат безбедно и законски, изјави министерката за полиција Сара Џонс.

Властите веќе вложија 26 милиони фунти за интензивирање на полициските контроли во 230 „жаришта“ преку рации со патроли, видео надзор, засилено осветлување и работа со младинците. До јуни годинава, на територијата на Англија и Велс се евидентирани 48.615 напади со нож или остри предмети, што е намалување од 6% во споредба со истиот период лани.

Стивен Клејман, шеф на новиот Национален центар за криминал поврзан со ножеви, признава дека новите мерки нема целосно да ја искоренат трговијата со опасно оружје, но смета дека „значително ќе ја намалат“.

25 ноември 2026 - 13:31