Лидерот на АфД бара репатријација на 2,6 милиони луѓе од Германија

Тино Хрупала, ко-лидер на десничарската партија АфД повика на репатриација на околу 2,6 милиони странци на кои Германија денес им укажува хуманитарна заштита. Во оваа бројка не спаѓаат само нелегалните мигранти осудени за тешки кривични дела, туку и бегалците од земјите во кои завршиле војните – Сирија, Авганистан, а наскоро и Украина.

Хрупала објаснува дека наскоро ќе заврши правната обврска за Германија да им ги згрижува бегалците што пристигнале од земји во кои завршиле воените конфликти. Се проценува дека во Германија на хуманитарна основа се згрижени околу 1 милион Сиријци и половина милион Авганистанци. Ко-лидерот на АфД очекува наскоро во таа категорија да бидат и околу 1,3 милион бегалци од Украина, кога ќе заврши војната со Русија.

Кога безбедносните услови во нивните земји ќе се подобрат до степен да не им е потребна заштита, бегалците ќе мора да се вратат. Зборуваме за околу 2,6 милиони луѓе. Приоритетни случаи треба да бидат оние за кои нема основа да добијат азил или право на престој, вклучувајќи ги и мигрантите што се осудени за сериозни кривични дела како силувања или убиства, истакна Хрупала.

Ко-лидерката Алис Вајдел пред еден месец исто така изјави дека Украинците ќе мора да заминат од Германија кога ќе заврши војната во нивната земја. Овие ставови се сериозно предупредување и наскоро може да станат официјална политика на Берлин ако АфД на парламентарните избори во 2029 година го потврди рејтингот на најпопуларна партија во земјата. 

Некои членови на „мекото“ крило во АфД предупредуваат дека масовните депортации може да бидат правно неизводливи. Пратеникот Максимилијан Крах забележува дека до 2,6 милиони депортации може да се стигне само ако бидат поништени сите дозволи за престој на Украинци, Сиријци и Авганистанци. Тој истакнува дека приоритет за АфД, согласно постоечките закони е депортацијата на 200.000 нелегални мигранти и бегалци.

Според најнови достапни официјални податоци на кои се повикува весникот „Велт“, до средината на оваа година 259.000 луѓе во Германија имале законска обврска да ја напуштат земјата, откако нивните барања за азил биле одбиени, а тие го изгубиле правото на престој. Од нив, дури 77% имаат статус на привремено одложување на депортацијата (Duldung), со што законски се одложува нивното отстранување од земјата поради хуманитарни, медицински, правни или практични пречки.

Но, лидерот на подмладокот на партијата, Жан-Паскал Хом, забележува дека фокусирањето само на мигрантите што го прекршиле законот нема да го реши проблемот со огромниот товар од мигрантите и бегалците врз социјалниот систем, безбедноста на граѓаните, пазарот на трудот и достапноста на домови.

Со ова се согласува и австрискиот активист Мартин Зелнер, кој бројката од 2,6 милиони што ја спомна Хрупала ја оцени како „добра основа“.

Во Германија има околу 13 милиони странци. Масовната натурализација мора да запре. Криминалците мора да заминат. Тие се социјален и културен товар, укажува Зелнер.

24 ноември 2026 - 13:14