На почетокот на пролетта таа 1992. членовите на неколку култни српски групи добија повик од Центарот за антивоена активност, да учествуваат во кампања против насилната мобилизација. Ова го означи почетокот на „Римтутитуки", проект со кој тие отворено се спротивставија на тогашната власт. Во холот на белградскиот СКЦ доаѓаат на идеја да снимат и сингл со кој ќе се шири антивоената пропаганда - песната „Слушај ваму!", со клучниот рефрен „Мир брате мир" ја издава Радио Б92, со договор дека таа не смее да се продава, туку само бесплатно да се дели.
Луѓето собрани околку Римтутитуки во отворен камион кружеа по улиците на Белград, делеа беџови, маици и флаери, повторувајќи ја пораката за бесмисленоста на војната. Проектот го поддржа и Југословенската банка за меѓународна соработка - Јумбес, на чело со Иван Стамболиќ, кој даде пари за концертот, но и за изнајмување на сега веќе легендарниот камион. Истиот тој Стамболиќ, шеесетите години од 20. век, беше директор на компанијата Техногас, а заменик му беше никој друг туку подоцнежниот главен поборник на војната - Слободан Милошевиќ. Нивните патишта се разијдоа само неколку години пред војната, кога вториов нагло скршна кон национализам. Се очекуваше дека Стамболиќ во 2000. ќе се кандидира за претседател на тогашната СР Југославија, но воочи изборите е киднапиран и од тогаш му се губи секаква трага. Три години подоцна неговите остатоци се пронајдени на Фрушка Гора, каде како што се верува е убиен по налог на бившиот колега.
На доделувањето на наградата за група на годината, членовите на ЕКВ ја повикуваат публиката со минута молчење да одадат почест на жртвите на војната, а Милан Младеновиќ на раб на солзи се сеќава на пријателите во Загреб, Сараево, Дубровник, Ријека, кои „се сега живи, а можеби и не се". Кратко време после тоа Римтутитуки требаше да гостува во Бања Лука, но Милан го откажува настапот во знак на протест заради рушењето на најстарата бањалучка џамија.
Синглот „Слушај ваму!" на оригиналниот носач на звук е вистинска реткост - тиражот од 2000 примероци е целосно разграбен. И покрај согласувањето на многумина околу неговите пораки, војната сепак не беше спречена, а нејзините последици се чувствуваат и денес, дваесет години подоцна. Да си ги повториме стиховите, за да не заборавиме: СЛУШАЈТЕ ВАМУ!
Мирот е најубавата девојка
која не може да ја има секој.
Ако не можам да летам,
јас не сакам да ползам,
затоа што кога ползам
не можам да дупам.
Мир! Мир, брате, мир!
Не сакаме да победи,
народната музика,
повеќе те сакам тебе млада
отколку пушка да ми дадат.
Мир! Мир, брате, мир!
Валкани борби
во љубовни торби
Помалку пукај
повеќе фукај.
Мир! Мир, брате, мир!
Премногу си млад
за да почиваш во лад
Под шлем,
мозокот е нем.
Мир! Мир, брате, мир!
Кај што одат сите
немој и ти.
Кој издаде -
пизда ќе биде.
Мир! Мир, брате, мир!
Не можеш да избегаш
од нешто што е тука
сеприсутно.
Колку ве има уште?
На парови разбројс
Прв! Втор! Прв! Втор!
Мир! Мир, брате, мир!