
пишува: Илија Дуковски
Пол Џиамати често глуми смирени типови. Не очекував да го видам полугол, како се дере и се пенави ко ѕвер на сцена. Првпат го гледав во филмот American Splendor, снимен според биографијата на Харви Пекар, автор на серија стрипови (кога сме веќе кај него, чекирајте го неговиот стрип Македонија). Се прослави со Sideways, со неговото перфектно одглумено, до болка несмасно, додворување. Во тој период започнал да настапува и на Бродвеј. Не знаев дека има и театарско искуство, па се изненадив кога дознав дека ќе доаѓа со претстава во Бостон.
Бостон и околината не се баш познати по театрите. Одвреме- навреме ќе дојде некоја претстава од Бродвеј, но најчесто со променета постава. Ѕвездите не ни доаѓаат. Но есенва, од ведро небо, ни дојдоа Џон Тортуро и Пол Џиамати, во поставка на „Носорог“ на Ежен Јонеску. Претставата ја гледавме во зградата на киното Бретл во Кембриџ, во која е сместен American Repertory Theater (АRТ), универзитетски театар на Харвард. Најчесто се работи за студентски проекти, по два-три годишно , но овој пат не е студентска претстава, туку за чедо на Тортуро, во режија на директорката на ART, Дајен Паулус.
Од немукает, картите ги купив доцна, за изведба во која Тортуро е заменет со бродвејскиот актер Дејвид Мејсон. Мејсон е одличен. Но не е, ах, Тортуро. Всушност, единствените непродадени билети беа за претстави или без Џиамати или без Тортуро. Помеѓу Џон и Пол, го избрав Пол.
Првиот чин на Носорог започнува со муабет на двајца пријатели седнати во бавчата на една кафеана, во некојси мал град во Франција. Беранже (Тортуро) е полудепресивен лик, скоро-па-пијаница, со секакви филозофии и без никаква цел. Жан (Џиамати) е досадно весел тип, рационален и секогаш спремен да му дели совети на другар му, а и на сите други наоколу. Разговорот за тоа како Беранже да се мрдне од место им го прекинува некаков тропот, како галоп. Не можеме да видиме за што се работи, но мајсторски изведениот театарски звук ни укажува на тоа дека е некое огромно животно. Носорог. Од каде па сега носорог во француска провинција? Од Африка! Од Африка или од Азија, се прашуваат Беранже и Жан, заедно со луѓето во кафеаната. Па, зависи дали имаше еден или два рога. Овие од Индија имаат еден, од Африка... Два рога ќе беа, значи... Еве го пак, носорог. Ама, овој има еден рог. Истиот ли е? Изгубил ли рог или е друг? Аман луѓе, носорог!
Следниот ден, на работа, колегите не му веруваат на Беранже дека видел носорог. Не ѝ веруваат ни на жената на еден колега, која се појавува и вели дека е преплашена од носорози што лутаат низ градот. Вели дека маж ѝ е дома, ептен променет. Мора да е болен. Но, не е дома, туку се појавува во форма на носорог и крши сѐ околу него. Жената верна, му се придружува. И таа станува носорог.
Во следниот чин, Беранже оди кај Жан дома. Жан е болен, во кревет. Разговараат за носорозите, но разговорот им забегува. Жан вели, па што дека луѓето се трансформираат во носорози? Можеби тоа и не е лошо. Моралноста е и онака неприродна, хуманизмот е мртов. Потоа оди во тоалетот и од таму довикува дека нешто му расте на челото. Излегува и веќе не личи на себе. Тука дизајнот на звук на претставата (дело на Фиц Патон) и Пол Џиамати водат кон театарска перфекција. Пол го соблекува горниот дел од пижамата, а во говорот му се вметнуваат животински звуци за кои е невозможно да се каже дали доаѓаат од актерот или од звучник. Држи некаков интелектуален говор, додека гласот и однесувањето му се трансформираат во нешто што би било нефер да се нарече животинско. Полугол, демонот (носорогот) скока, тропа, удира во мебелот, се пенави, се лигави, шмрка, вришти и дрка. Не ни се верува што гледаме - дали е смешно или вознемирувачко. Гротескно, секако. Беранже бега од носорогот.
Фашизмот, и тоталитарните идеологии воопшто, се на мета на Јонеску. Со Носорог се обидел да ни го долови личното искуство од Романија во 1930-тите, каде што пријателите и семејството еден по еден го прифаќале фашизмот, некои од нив тврдејќи сето време дека се антифашисти. Делото и денес се чини актуелно, со провокативен став кон современото клатно помеѓу идеолошките екстреми. Мене некои делови ме потсетија на состојбата на колективниот ум за време на пандемијата, со целиот спектар помеѓу неверица и хистерија. Јонеску нам ни остава да го бараме одговорот на прашањето: зошто луѓето се претвораат во носорози? И дали Беранже, еден, ќе успее?
По Кембриџ, Носорог се сели на Бродвеј. Ако ве води патот кон Њујорк, претставата можете да ја погледнете од 25 април до 13 јуни во театарот „Тод Хејмс“.
Лектура: Снежана Димовска
Претходни репортажи за театарски претстави од Илија:
За „Гленгери Глен Роуз“ на Бродвеј