Овој пат победниците на Венецијанското биенале ги избра публиката: награди за Ник Кејв (не тој, друг) и павилјонот на Индија

Овогодишното Венецијанско биенале беше одбележано не само со уметнички дела и рекордна посетеност, туку и со остри политички несогласувања. По оставката на стручното жири, за првпат наградите беа доделени врз основа на гласовите на посетителите. Нивниот избор ги издвои американскиот уметник Ник Кејв и индискиот национален павилјон, но отвори и нови прашања за улогата на уметноста, политиката и публиката во една од најважните светски уметнички манифестации.

Овогодишното Венециско биенале заврши со необичен избор на наградените: наместо стручно жири, за победниците одлучуваше публиката. По наглата оставка на петчленото жири во мај, во знак на протест поради одлуката да не се разгледуваат земјите чии лидери се обвинети за злосторства против човештвото пред Меѓународниот кривичен суд, организаторите ги воведоа таканаречените „Лавови на посетителите“ (Visitors’ Lions). Оваа година признанијата им припаднаа на американскиот уметник Ник Кејв, за учеството во главната изложба, и на Индија, за нејзиниот национален павилјон.

Кејв, познат и по своите скулптури и текстилни дела, во главната изложба „In Minor Keys“, курирана од Којо Куо, претстави монументална бронзена скулптура висока речиси осум метри. Во делото Amalgam (Origin) човечкото тело се претопува со гранки и животински форми. Други негови скулптури, изложени во и околу Арсеналето, прикажуваат фигури чии тела се спојуваат со растенија, придружени со портрети изработени со техника на везење. Делата се занимаваат со тагата, повторното раѓање и поврзаноста меѓу живите суштества.

Индискиот павилјон, насловен „Географии на дистанца: сеќавање за домот“, се занимаваше со предметите како носители на сеќавања и лични истории. Меѓу највпечатливите дела беше инсталацијата на Сумакши Синг, во која ѕидовите на една куќа се пресоздадени со проѕирен конец, создавајќи впечаток на кревко и минливо живеалиште. Ова беше првото учество на Индија со национален павилјон на Биеналето од 2019 година.

Но, наградите не ставија крај на контроверзиите. Уште на отворањето, десетици уметници од главната изложба и од националните павилјони потпишаа изјава со која бараа нивните имиња да не бидат земени предвид за наградите, во знак на солидарност со членовите на жирито што поднесоа оставка. Тие предупредија дека доделувањето награди на уметници кои побарале да бидат исклучени може да предизвика и правни последици. Меѓу потписниците беа и учесници во најпосетените павилјони, како австриската уметница Флорентина Холцингер. Кејв и претставниците на Индија не ја потпишаа изјавата.

Зад оваа расправа стоеше поширокиот политички конфликт околу учеството на Русија и Израел. Биеналето се обиде да ја задржи позицијата на неутрална институција, тврдејќи дека не може да исклучи земји што италијанската влада ги признава како држави. Европската Унија, сепак, најави повлекување на грантот од два милиони евра поради враќањето на рускиот павилјон. Дополнително, оваа година не беа доделени ниту наградите за животно дело, ниту „Сребрениот лав“ за млад уметник. Главната кураторка Којо Куо почина во 2025 година, пред да ги избере добитниците на признанијата, а жирито кое вообичаено ја доделува наградата за млад уметник веќе не постоеше. И покрај бурната атмосфера, организаторите соопштија дека изложбата ја посетиле повеќе од 714.000 луѓе – втора најголема посетеност во историјата на Биеналето.

25 ноември 2026 - 17:42