Како и регуларната тага, така и интернет тагата минува низ редовните 5 фази. Работата е што ова се случува во исто толку твитови и, како и се останато на интернет, е многу побрзо од вообичаено.
"Во рок од четири дена откако терористите масакрираа 129 луѓе во Париз, милиони сведоци - присутни само преку нивните компјутерски екрани - објавуваа молитви и слики и ветувања за солидарност. Цели четири часа, па пет, па шест, тие ги направија тренд хаштаговите како #PorteOuverte и #PrayforParis. Ставаа француско знаме преку своите Фејсбук фотографии и споделуваа слики од уметници како Жан Жулиен. И подеднакво брзо, нивните постови се вратија на претходна состојба: назад на досетки околу спортски клубови, вирални видеа, слики со пријатели - само сега објавени со мали аватари премачкани со француското сино, бело и црвено.
Овие постови се некако неумесни - некако непристојни. Како луѓето што ги објавуваат да раскажуваат шеги на многу мрачен погреб. Секако дека светот мора да продолжи; никој не вика дека не прави. А социјалните медиуми претставуваат неприцезен покажувач на ветрот за нашата колективна совест," пишува Кетлин Девеј во Вашингтон пост.
На Твитер хаштагот #PrayforParis во саботата беше глобален тренд само 5 часа и 35 минути; #ParisAttacks мина малку подобро со 6 часа и неколку минути.
До неделата ниту еден хаштаг за солидарност кон нападите не беше во топ 100 тренд темите (според бројките на Trendinalia). До понеделник, дури и новинските организации за половина ги намалуваат своите твитови за Париз.
"Да бидеме јасни, ова не е замислено како критика: ова е само опсервација на факт. Вестите излегуваат, ние сме проголтани од нив; а после тоа интересот за нив почнува да гние и на интернет и надвор од него...
... Можеби ова 'функционира' во секојдневниот живот: нема ништо лошо во тоа што нечии 15 минути слава ќе се намалат на нешто многу пократко.
Но по трагедија како онаа во Париз, нам ни треба време за издржана и размислена мисла. А никогаш нема време за ништо - интернетот продолжува понатаму," пишува Девеј.
Таа анализира дека проблемот со брзањето е што нам ни треба време за да размислиме што се случува, а ни треба да размислиме за да почувствуваме емпатија. Кратењето на овој процес "ја исцрпува нашата способност да сочувстуваме со други луѓе."
"Со други зборови, постои вистински ризик од обработување на тагата со брзина и неискреност кои би му ги посветил и на некое вирално меме," објаснува Девеј.
Како пример таа го споменува извештајот на Европската опсерваторија за новинарство, која го анализира долгорочното влијание што виралните фотки од Ајлан Курди (удавеното сириско дете) го имаат врз разговорот околу миграцијата.
"Извештајот заклучува дека една недела откако фотките станаа вирални, весниците имаа многу посимпатетичен став кон бегалците. Ама две недели подоцна? Три?
Како Ајлан Курди никогаш да не бил тренд во вестите; тонот на вестите во покривањето на темата се врати на исто ниво како и пред неговата смрт," завршува Девеј.