Зошто корупцискиот скандал е катастрофален за Зеленски

Зеленски ќе го опреживее огромниот корупциски скандал во кој падна неговиот шеф на кабинет и главен преговарач Андреј Јермак, но проблемот не можеше да дојде во полошо време. Украинскиот претседател го изгуби поголемиот дел од својот топ тим а наскоро би можел да ја изгуби довербата на своите европски поддржувачи. Зошто би давале пари ако тие завршуваат во нечии џебови?

Фото: ЕПА

Зеленски денес е речиси исто толку осамен како и првиот ден по руската инвазија пред речиси четири години, кога се заколна дека нема да ја напушти земјата, туку ќе се бори.

Но, постои голема разлика.

Тогаш, Украинците се обединија за каузата, брзаа да се приклучат на борбените единици и покажаа огромен отпор и социјална солидарност. Сега, воениот напредок на Русија на исток се забрзува, Украинците дезертираат или избегнуваат мобилизација, а големиот корупциски скандал го лиши Зеленски од неговите досега најлојални соработници.

Последниот што замина беше најзначајниот и потенцијално пресуден за Зеленски. Неговиот долгогодишен шеф на кабинетот и неодамна назначен за главен воен преговарач, Андреј Јермак, голем лик во секој можен поглед, кој поднесе оставка - или беше принуден на тоа. Ова се случи откако во неговата резиденција во Киев се случи полициски претрес во врска со сè уште актуелниот скандал со енергетска корупција. 

Во тактички потег, веројатно наменет да ја ограничи политичката штета врз Зеленски, а секако и врз себе, рече дека е спремен да замине на фронт.

Украинското јавно мислење веќе некое време беше ненаклонето кон Јермак, а личните непријатели имаа намера да го соборат. Постоеше растечко чувство дека тој станал преголем за своите чизми и имал премногу влијание, практично до степен што бил „вистински“ претседател. Како резултат на тоа, малкумина го оплакуваа неговото заминување.

Тој беше последниот член од блискиот тим на Зеленски кој остана, по откритијата минатиот месец за неколку високи функционери и претседателски соработници кои заработиле дури 100 милиони долари од договори со украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“.

Еден од првите и најзначајните што замина - непосредно пред да се појави веста за скандалот, беше Тимур Миндич. Деловен партнер на Зеленски од времето кога тој функционираше во светот на забавата, чие влијание зад сцената во склучувањето комерцијални зделки енормно пораснало откако Зеленски стана претседател во 2019 година. Се вели дека избегал преку САД во Израел. Поднесоа оставки или добија отказ и министрите за енергетика и правда и еден заменик-министер. 

Овие проблеми дома не можеа да се појават во полош момент за Зеленски. Со Доналд Трамп кој засилува ритам и постојано промовира нови мировни иницијативи, темпото на преговорите се забрзува речиси секој ден. Европејците, очекувајќи го можниот крај на американската поддршка за Украина, панично се обидуваат да соберат пари за финансирање на економијата и војската на Украина за следната година.

Најочигледната и најнепосредна штета од корупцискиот скандал e прашањето зошто европските даночни обврзници би требале да обезбедат пари за Украина ако дел од нив исчезнат во веќе добро пополнетите џебови?

Толку голем корупциски скандал дополнително ги загрозува надежите на Украина за брзо приклучување кон Европската Унија. А фактот дека скандалот е откриен во енергетски сектор на Украина само го зајакнува народното незадоволство кај Украинците, особено во Киев - таму тие страдаат од обемни прекини на електричната енергија, речиси секојдневно, како резултат на руските воздушни напади врз енергетската инфраструктура.

Во меѓувреме се шират секакви сценарија за скандалот. Една теорија е дека САД го темпирале неговото обелоденување за да притиснат Зеленски да прифати мировен договор поволен за Русија. Друга теорија потсетува дека Зеленски во јули се обиде да ја ограничи независноста на независното анти-корупциско биро токму за да го спречи  разоткривањето на скандалот што сега ја дрма неговата администрација.

Ситуацијата ја користат и луѓе за кои се верува дека целат на највисоката позиција во земјата па станаа поактивни - Валери Залужни, Петро Порошенко, Виталиј Кличко... Сепак, засега, Зеленски останува на власт, а Рустем Умеров, како службеник за одбрана и безбедност,  може да биде посоодветен за преговори, барем со САД, отколку што беше Јермак.

Како што се чини, во разговорите сега поголема улога имаат воените професионалци што значи дека поголема тежина ѝ се дава на ситуацијата на фронтот. Крајот на конфликтот можеби малку е доближен.

Мери Дејевски, дописничка на Тајмс меѓу 1988 и 1992 која го има покривано и Париз, Вашингтон и Кина.

 

  

2 декември 2025 - 16:00