Германија толерира 200.000 нелегални мигранти

Иако германските власти им изрекле наредба на 250.000 нелегални мигранти да ја напуштат Германија, за дури 200.000 од нив е заклучено дека не може да се спроведе депортација поради најразлични причини. Додека не се решат споровите, дозволено им е легално да останат во земјата и да имаат право на основна поддршка, сместување и здравствена грижа. 

По неколкугодишен пад, бројот на „толерирани“ мигранти во Германија на крајот од септември се искачил на 200.601 лице, од вкупно 256.873 мигранти што добиле налог за депортација, според нови податоци од федералното Министерство за внатрешни работи.

За луѓето со статус „duldung“ и понатаму важи одлуката да бидат депортирани, но официјално им е дозволено да го продолжат престојот во Германија во периодот додека не бидат решени правни спорови или други пречки поврзани со патни исправи, семејни врски или болест. Овој статус има привремен карактер и нема граница до кога може да биде продолжуван.

Кон крајот на 2025 година, во Германија имало 232.067 мигранти со одлука за депортација, но им било дозволено на 190.974 да останат. Во текот на оваа година приближно 45.000 лица, вклучувајќи и 13.460 малолетници, првпат добиле статус на толериран престој. На само 402 од нив им било овозможено привремено да останат во Германија врз основа на стручна обука, а на 17 поради вработување.

Претходниот пад делумно беше поттикнат од Законот за можност за престој, воведен од претходната коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите, кој на одредени лица со долготраен „толериран престој“ им отвори пат да добијат посигурен правен статус, под услов ако докажат дека можат самостојно да се издржуваат и дека доволно добро го совладале германскиот јазик.

ЦДУ оцени дека Германија трпи огромен товар поради тоа што задржува четири петтини од мигрантите за кои веќе утврдила дека немаат право да останат.

Премногу е лесно да се остане тука. Издавањето на толериран статус од страна на локалните власти мора значително да се отежни, изјави Александар Тром, портпарол на ЦДУ за внатрешна политика.

Луѓето со толериран статус имаат право на државни бенефиции за задоволување на основните потреби, за сместување, како и ограничен пристап до здравствени услуги. По 36 месеци поволностите може да се прошират и да се приближат до нивото на редовна социјална помош.

Трошоците на федералната влада поврзани со бегалците и азилантите достигнаа десетина милијарди евра годишно во последниве години, иако официјалната статистика не го издвојува точниот удел што им се припишува само на оние со толериран статус наспроти оние кои сè уште се во постапка за азил или со други форми на заштита. 

Според пресметки на новинарот на „Велт“, Бјорн Хармс, политиките за миграција и азил ја чинеле државата најмалку 400 милијарди евра во периодот од 2016 до 2026 година.

******
Види и: Германија троши милијарди евра за странци кои не работат

4 ноември 2026 - 14:30