Германија троши милијарди евра за странци кои не работат

Речиси две третини од корисниците на социјална помош во Германија имаат мигрантско потекло – многумина и откако ќе добијат државјанство. Државата за нив издвојува над 20 милијарди евра годишно и троши многу повеќе за домување, образование и интеграција. Ако веќе примаат помош, АфД бара и да работат, макар и по 15 часа општествено-корисна работа неделно.

Според проценката на Сојузната агенција за вработување, 63,4% од корисниците на социјална помош во Германија имаат мигрантско потекло. Само во првата половина на 2026 година, за странци кои примаат социјална помош биле потрошени 10,6 милијарди евра.

Доколку овој тренд продолжи со истото темпо, тоа значи дека за целата 2026 година, социјалната помош наменета за странци ќе достигне 21,2 милијарди евра.

Сумата се зголемува на најмалку 50 милијарди евра годишно кога ќе се пресметаат и трошоците за домување, за образование, за интеграција и за контрола на границите.

Магазинот Glut забележува дека бројот на странци во евиденцијата за социјална помош се намалува, додека бројот на Германци расте. Причината за ова е тоа што сè повеќе азиланти добиваат државјанство преку процесот на натурализација.

Во јануари годинава, на пример, бројот на германски корисници се зголемил за околу 12.000, а бројот на Сиријци кои примаат помош во исто време се намалил за 12.500 – повеќе отколку во кој било друг месец. Сиријците ја сочинуваат најголемата група меѓу натурализираните граѓани. Од јуни 2025 година, нивниот број меѓу корисниците на „приход за граѓани“ е намален за 15,6%, што е поголем пад отколку кај која било друга голема група.

Во неодамнешната реформа на системот, сојузната влада воведе построги правила за доделување на помош и за намалување на износот. Десничарската партија АфД смета дека овие промени не се доволни и инсистира на воведување обврска за општо-корисна работа.

Според овој предлог, од работоспособните лица кои примаат социјална помош повеќе од шест месеци би се барало да извршуваат 15 часа општо-корисна работа неделно. Оние што ќе одбијат, наместо пари би добивале помош во основни продукти, а во најтешките случаи поддршката од државата целосно би била укината.

Недозволиво е толку многу луѓе, иако можат да работат, да примаат „приход за граѓани“ на сметка на даночните обврзници, вели Рене Шпрингер, портпарол на пратеничката група на АфД.

20 октомври 2026 - 15:21