Откако во 2017 година стана престолонаследник, Мохамад бин Салман радикално ја промени традиционалната основа врз која саудиското Кралство се одржуваше уште од 1932 година, кога Ибн Сауд ги обедини многубројните племиња во огромна нова држава.
Власта беше поделена на принцови на кои министерствата им служеа како база на моќ. Клучните одлуки се носеа со консензус, во согласност со исламскиот принцип на советувањата „шура“. За да ѝ дадат верски легитимитет на монархијата, на вахабиските улеми им беше оставено да управуваат со училиштата, да раководат со добротворни организации и да ги диктираат општествените норми. Поддршката од десетиците локални племиња се одржуваше со давање државни функции и субвенции.
Мохамед бин Салман радикално ја концентрираше власта кај себе и меѓу тесен круг сојузници, на штета на племињата и другите членови на кралското семејство. Во еден од своите први потези, МБС во хотелот „Риц-Карлтон“ затвори стотици членови на кралското семејство и бизнисмени осомничени за корупција. Според извештаи, повеќето од нив биле изложени на физичко и психолошко малтретирање во притвор. Во болница завршија 17, а еден генерал почина. Приведените ја откупија својата слобода плаќајќи 107 милијарди долари.

МБС отвори судир и со вахабистичките свештеници кога наметна либерализација и западизација за да го подобри меѓународниот имиџ на Саудиска Арабија и да го одржи задоволството кај младата популација. На жените им даде дозвола да возат, послободно да се облекуваат и да шетаат сами. Повторно ги отвори кината и дозволи одржување рок-концерти и уметнички фестивали. На верската полиција ѝ ги одзеде овластувањата за истраги и апсења.
Тој ги навреди речиси сите фракции во рамките на кралското семејство. Ги навреди и реакционерните верски кругови и така си создаде огромен број непријатели, вели Час Фримен, поранешен амбасадор на САД во Саудиска Арабија.
Концентрацијата на моќ во рацете на МБС не е мотивирана исклучиво од лични интереси. Како и многу други земји во регионот, Саудиска Арабија е држава која најголемиот дел од своите приходи ги остварува преку продажба на ресурси, наместо преку оданочување на домашните економски активности.
Во случајот со Саудиска Арабија, два фактора се движат во опасна насока: населението бележи исклучително брз раст уште од 1970-тите години, додека приходите од нафтата не го следат тој тренд. Денес речиси две третини од саудиските државјани се помлади од 30 години. Тоа е огромен потенцијал за земјите чии економии се темелат на стопанството. Во рентиерските тоа ја отежнува способноста на владата да им обезбеди финансиска сигурност. Еден од главните начини на кои саудиската влада го дистрибуира богатството и преку вработување во државниот сектор. Во 2016 година, неверојатни две третини од Саудијците работеле во државната администрација, на што оделе 40% од буџетот на кралството.

За да поттикне инвестиции и вработување во приватниот сектор, МБС ја претстави футуристичката програма „Визија 2030“: изградба на огромен ски-центар среде пустина, џиновски облакодер „Коцка“ во Ријад, и комплексот „Линија“ за 9 милиони луѓе што се протега 177 километри. Визиите денес се доживуваат како расипнички проекти за задоволување на суетата на престолонаследникот. Ски-центарот, кој требаше да биде домаќин на Азиските зимски игри во 2028 година, е ставен „на чекање“. „Линијата“ е запрена по само неколку километри објекти и ров долг 113 километри. Од „Коцката“ поставени се само темелите.
Неговите воени одлуки се уште полоши. Откако беше назначен за министер за одбрана, веднаш се обиде да се докаже на воено поле преку интервенција во граѓанската војна во Јемен. Но, владините јеменски сили што ги поддржуваше претрпеа порази на фронтот од бунтовничките хути. Во јули годинава го бомбардираше аеродромот во Сана, но хутите возвратија со офанзива во која ја презедоа контролата врз протокот Баб-ел-Мандеб и со напади врз нејзините нафтени и гасни постројки. Претседателот Трамп го зголеми понижувањето кога ги одби молбите од МБС американските сили повторно да се приклучат на војната против хутите.

Голема штета предизвикаа и иранските напади врз Саудиска Арабија. Се проценува дека ќе бидат потребни 7 до 10 години за да се замени опремата за нафта и гас и целосно да се врати производството. Најтрајната штета можеби е нанесена на угледот на Саудиска Арабија како безбедно место за посета и за отворање бизниси - директно поткопувајќи ја желбата на кралството да привлече странски инвестиции и да ја преобрази својата економија.
Соочен со порази на сите фронтови, Мохамед бин Салман стравува дека може да му се повтори судбината на саудиските владетели. Кралот Сауд ал Сауд, критикуван поради екстравагантното трошење и лошото управување со финансиите, беше отстранет од власт во 1950 година, а потоа и симнат од престолот во безкрвен државен удар, организиран од неговиот помлад брат, престолонаследникот Фаисал. Единаесет години подоцна, Фаисал беше застрелан од својот внук, принцот Фаисал бин Мусаид, кој бил огорчен од проектите за либерализација на земјата.
Неодамна се појавија извештаи дека престолонаследникот почнал да се префрла од една во друга скривница во своите палати. Тоа наводно било поради страв од атентат од хутите. Тој всушност се плаши од атентат извршен од некој член на неговото семејство или од воен офицер, изјави британскиот аналитичар и поранешен дипломат Алистер Крук.