Половина век панк:

Денешните бунтовници треба да станат аскети

Не треба да се секираме дали машините ќе ги заменат музичарите; нашите музичари веќе звучат како машини - тие, всушност, се машини. Ако сè уште сте склони кон бунт и инсистирате на својот контрашки дух, денес најбунтовниот потег би бил да ја побарате досадата, да ја негувате и да ја одгледувате со сите сили. Токму тоа би го направил еден Ротен од 21-виот век.

Некои песни се товар сами за себе. „Love Will Tear Us Apart“, „Born to Run“, „Careless Whisper“ – толку се успешни во својата мисија што, на крајот, стануваат неподносливи за слушање, уривајќи се под тежината на сопственото културолошко значење. „Anarchy in the UK“ – која деновиве наполни 50 години - е таква песна, можеби и најдобриот пример за тоа: нејзината сеприсутност, која го освои светот, сега е во толку остра спротивност со она што првично ја правело витална. Денес, човек мора да биде или блесаво млад, или пак одземен од пијанство, за нејзината богохулна сила да ја почувствува како уметничко дело.

Можеби ова е највлијателната песна некогаш направена. Изгледа дека секој што ги гледал Секс Пистолс во живо, основал бенд. Јас, на пример, основав бенд само затоа што во живо гледав некој кој претходно ги гледал Секс Пистолс во живо. Според легендата, тие ја запалиле искрата дури и кај Мик Хакнал. Помислете малку за тоа. Замислете ја неверојатноста на таа генеалогија: од Џони Ротен до Симпли Ред.

Џон Лајдон сосема правилно брзо се извлече од целата таа приказна - апсолутната моќ апсолутно корумпира.

Неодамна отидов да го гледам бендот што Лајдон го формираше по Секс Пистолс - величествените „Public Image Ltd“. Помеѓу песните, тој потроши неверојатно многу време за да пука со презир кон филмскиот режисер Дени Бојл - потег што го почитував речиси исто толку колку и неговата драматична вокална изведба. Не дека имав некаква посебна замерка за Бојл - а и немав поим во што точно се состои нивниот конфликт - но беше освежувачки, на некој начин и човечки, да се гледа како еден поединец претвора 1.800 други луѓе во ехо-комора за некоја негова брутална лична одмазда. Се почувствував разбран. А потоа, конечно, ја погледнав серијата „Pistol“ на Бојл. Доволно беше половина епизода. Боже! Човекот навистина знае целосно да ја обезоличи темата кога ќе посака. Кога станува збор за естетски нијанси и емоционална длабочина, во споредба со ова, рекламите за путер што Лајдон ги снимаше во 2008 година изгледаат како филмови на Бергман.

Секс Пистолс сега имаат нов пејач, што - кога ќе размислите - е единственото нешто што зрачи со уште посилна, чиста негација, нешто што е „по-панк“ од оние реклами за путер. Им симнувам капа на преостанатите членови на Секс пистолс  за тоа. Но, ако сте подготвени да платите влезница за да ги гледате Секс Пистол предводени од Френк Картер, тогаш токму тоа - Секс Пистолс со Френк Картер - е она што го заслужувате. 

„Панкот умре кога првиот клинец кажа: ’Панкот не е мртов“, пее Дејвид Берман во алт-кантри класиката „Тенеси“. Тоа е еден од оние стихови што ти се врежуваат во сеќавањето и бараат објаснување. Дали панкот мора постојано да умира за да функционира? Дали создавањето и распаѓањето се неразделни? Поезија што се негира себеси? Поезија што се самоуништува? Во моментот кога ќе сфатиш дека го негуваш тој импулс, зарем веќе не си го задушил? Што беше панкот, ако не војна против трајноста? Напад врз колективната совест - не беше замислено од тоа да градиш кариера; требаше... што точно требаше? Како дете, имав прилично збунети идеи за тоа што значи да се биде „панк“.

Се сеќавам кога на 20-годишна возраст влегов во еден ирски бар во Камден Таун со брат ми, за да свириме на Свети Патрик. Лицата ни беа обоени во црвена, бела и сина боја, со испишани кратенки на разни лојалистички паравоени групи. Во локалот изби насилство  пред воопшто да ги почнеме нашите, едвај постоечки, песни. Како полу-Алжирци, производ на францускиот колонијализам, кои за време на растењето во Алстер трпеле малтретирање во училиште полно со протестанти, ние двајцата, сосема природно, бевме симпатизери на републиканците. Но, уште поважно - бевме панкери. И кретени, секако. Ама, панк-кретени. Имавме прочитано по некоја страница од Ги Дебор, слушавме „Anarchy“ – работи што одлично одеа со пијачката „Бакфаст“. Нејќевме културата да ни се сервира. Сакавме самите да се вметнеме во неа, по секоја цена, човече.

Добрата страна на негацијата заради самата негација – на бришењето на сè пред себе – особено кога си млад, кога јазот помеѓу она што светот ти го ветил и она што всушност е подготвен да ти го даде е тоа што можеш да создадеш доволно простор за нешто ново да продише. Од друга страна, таквиот вид негација секогаш живее под ист покрив со нихилизмот. Можеш да отфрлиш сè, за да откриеш дека не останало ништо. Ако основаш движење чија главна цел е дестабилизација на културата, ќе привлечеш цела армија длабоко нестабилни луѓе. Некои од нив на крајот ќе станат национално богатство, како на пример Лајдон. Други, пак, како басистот Сид Вишис, умираат од предозирање со хероин на 21-годишна возраст, додека чекаат судење за убиство. А некои едноставно немаат поим како да живеат во овој свет откако ќе заврши таа оргија на незадоволство.

Малколм Мекларен, едно кратко време менаџер на Њујорк долс, на нивните концерти, над бината поставувал транспарент: „Кои се политиките на досадата?“ Денес размислувам за тој транспарент, за политиката на досадата некогаш и сега, и се прашувам дали тоа воопшто има некаква тежина во нашава, до задушување стеснета, дигитална ера.

Предвидувајќи целосно автоматизирана иднина во која трудот повеќе нема да биде неопходен, ситуационистите - од кои, заедно со дадаистите, Мекларен црпел многу идеи - тврделе дека досадата е поефективна форма на општествена контрола отколку отворената, брутална репресија. Репресијата на крајот води до огорченост, која може да прерасне во пркос кон авторитетот, додека досадата создава отуѓеност, проследена со чувство на вина.

Она во што ситуационистите погрешиле, она што не го предвиделе, е вистинскиот ужас: свет во кој самата досада повеќе не е можна. Луѓето што поминуваат по четири часа дневно препуштајќи му се на интернетот, веќе не се луѓе. Тие се киборзи. А киборгот е неспособен да чувствува досада.

Сакаш да шеташ наоколу во маица со кукаст крст, само за да видиш што ќе се случи? Нема проблем. На интернет можеш да ја носиш колку што сакаш. Веднаш ќе се најдеш во една глобална заедница од луѓе кои исто така сакаат да шетаат во маици со свастика. Некои од нив се зезаат, други не. Сакаш да ги кастрираш сите мажи поради гревовите на патријархатот? Никаков проблем. Оди до крај во која било насока; твоите истомисленици те чекаат таму некаде, во дигиталниот етер. Зошто да водиш непријатни разговори за своите екстремни ставови или за своето провокаторско однесување во некоја кафеана, кога можеш едноставно да си креираш аватар и да го истураш својот презир од безбедната анонимност зад екранот?

„Не постои такво нешто како општество“, изјави Маргарет Тачер. Звучи како стих од Секс пистолс... Мекларен ја дефинираше анархијата како врвен израз на самовладеење – триумф на принципот „направи сам“ над доминацијата на капиталот, традицијата и црквата. Па, еве нè: секој од нас во џебот носи сопствено ТВ-студио, дискографска куќа и порно-кино; секому му следуваат оние „15 минути слава“ на Ворхол, доколку сака да ги има. Живееме во рајот на филозофијата „направи сам“. Панкот веќе не е можен, бидејќи сега сè е панк - што би можело да биде „попанк“ од алгоритам што се храни со антагонизам? 

Икона како Џони Ротен е од клучно значење, бидејќи е невозможно да се пробивате низ животот без мала помош од минатото - како успеале оние пред мене? Не само да преживеат, туку и да процветаат? Според зборовите на пост-јунгијанскиот психолог Џејмс Хилман, гладот ​​за вечно искуство го претвора човекот во потрошувач на профани настани. Профаното отсекогаш било голем дел од рокенролот - звукот на 20-тиот век. Тоа беше многу забавно некое време и доведе до неверојатна музика. Но, сега сонцето изгрева. Забавата е при крај. Почвата е претерано обработена.

Не треба да се грижиме дали машините ќе ги заменат музичарите; нашите музичари веќе звучат како машини - тие, всушност, се машини. Ако сè уште сте склони кон бунт и инсистирате на својот контрашки дух, денес најбунтовниот потег би бил да ја побарате досадата, да ја негувате и да ја одгледувате со сите сили. Токму тоа би го направил еден Ротен од 21-виот век. На досадата денес ѝ се потребни нејзини „Перегрински монаси“, луѓе подготвени да се соочат со живот целосно лишен од забава, седнати на некоја карпа изложена на силни ветрови; без телефони, без секс, без пари и во целосна тишина, прекинувана само од некој случаен разговор за тоа како панкот - сепак - не е мртов.

Лиас Сауди,
фронтмен на Fat White Family и на The Moonlandingz.

29 ноември 2026 - 12:50