„Чип-доларите“ се новите петродолари

Чиповите првпат ја надминаа нафтата како клучен столб на глобалното влијание на доларот. Намалувањето на улогата на „петродоларите“ всушност сведочи за трансформација на САД од геополитички кон технолошки лидер. Доларот останува глобална резервна валута, но солидното второ место на јуанот е доволно за да се разбие ефективниот монопол.

За првпат во историјата, глобалната трговија со чипови го надмина обемот трговијата со нафта и гас, забележува „Дојче банк“ во внатрешен извештај. Ако се исклучи Кина, азискиот суфицит во трговијата со чипови е еднаков на суфицитите поврзани со нафтата во регионот на Персискиот Залив.

Подемот на чиповите како двигател на доминацијата на доларот може да се толкува како симптом на промена во самиот извор на моќта на САД. Тоа е премин од геополитичко кон технолошко лидерство, пишува Малика Садчева, стратег за девизни пазари во „Дојче банк“.

Таа додава дека „петродоларот“ веќе му отстапува место на новиот „чип-долар“, во време кога големите компании за ВИ континуирано ги зголемуваат капиталните инвестиции.

Системот на петродолари потекнува од договорот склучен во 1974 година, според кој Саудиска Арабија се согласи цените на нафтата да ги одредува во долари, а вишокот средства да го инвестира во американски активи, особено во државни обврзници. За возврат, американската војска ја гарантираше безбедноста во регионот и слободната пловидба низ Ормускиот теснец. Бидејќи нафтата претставува клучен влезен ресурс за глобалното производство и транспорт, постои природен поттик синџирите на снабдување да се „доларизираат“.

Темелите на системот на петродолари е разнишан поради војната во Иран и блокадата на извозот на нафта низ Ормускиот теснец. Во исто време експанзијата на вештачката интелигенција предизвика цунами од капитал што се прелева од Азија кон САД.

Исто како што нафтата навлезе во индустриските синџири на снабдување, така и чиповите се вградени во дигиталната економија како влезни компоненти во електрониката, автомобилите, компјутерите, комуникациските уреди и системите за ВИ. И покрај доминацијата на Азија во производството на чипови, 70% од профитот завршува кај американските компании. Клучните земји во синџирот на снабдување со напредни чипови – Јапонија, Јужна Кореја и Тајван – се пријателски настроени кон Вашингтон.

Технолошкото лидерство на САД поттикнува глобалните заштеди повторно да се инвестираат во американски компании – со што се обезбедуваат средства за американскиот корпоративен сектор да реализира огромни вложувања во нови технологии. Според податоци на „Дојче банк“, странските вложувања во американски акции сега се повеќе од двојно поголеми од вложувањата во државни обврзници на САД. 

„Дојче банк“ предупредува дека американските акции севкупно се три пати понестабилни од државните обврзници - а технолошките акции се и до 10 пати повеќе нестабилни. Ако побарувачката не може да ги поддржи инвестициите во ВИ, заработката за технолошките компании ќе се намали, а со тоа и побарувачката за чипови.

Анализата покажува дека не е загрозен статусот на доларот како глобална резервна валута, и покрај агресивните напори на Кина да го интернационализира јуанот.

Пекинг всушност не сака да го замени доларот на светската сцена. Солидно второ место, па дури и значајно трето, би било доволно за да се разбие ефективниот монопол на доларот и да се ограничи способноста на САД еднострано да наметнуваат финансиски санкции. Од перспектива на Пекинг, целта е ренминбито да се позиционира кон доларот како „пепси наспроти кока-кола“ – никогаш како лидер на пазарот, но сепак корисно во критични моменти, објаснува Зонгјуан Зое Лиу, виша соработничка за Кина во Советот за надворешни односи.

28 ноември 2026 - 12:09