Министерот за одбрана Вес Стритинг го опиша повикот до резервистите како „разумна, неопходна претпазливост“ поради зголемените закани од војна. Во октомври министерот предупреди дека Британија има рок од 1.000 дена да се подготви „да се бори заедно со своите сојузници и да победи“, бидејќи „Русија ја интензивира својата хибридна војна против НАТО“.
Со околу 73.000 војници во активниот состав, британската армија денес е најслабо мобилизирана уште од времето на Наполеоновите војни. Повикот до резервистите се поврзува со Членот 3 на НАТО, кој бара од земјите-членки „да одржуваат и развиваат индивидуален и колективен капацитет за спротивставување на вооружен напад“. Во писмото се поканети да се пријават како волонтери за обуки и вежби, вклучувајќи ја и вежбата на НАТО „Непоколеблив бранител“ следната пролет.
Не дај Боже да се случи најлошото, по 20 години моите наследници ќе ме проколнуваат, а јас ќе се најдам пред јавна истрага – изјави Стритинг.
Тој истакна дека извлекол поуки од истрагата за пандемијата за ковид, која покажа дека биле направени низа пропусти поради слабата подготвеност на здравствените власти.
Извор од армијата изјавил дека испраќањето на писмото не значи дека сите резервисти ќе бидат мобилизирани. Главната цел е да се ажурираат податоците за поранешниот воен персонал.
Само затоа што некој бил возач на тенк во армијата, неговите вештини сега може да се сосема различни и всушност покорисни за одбраната, изјавил изворот за Телеграф.
Ветераните кои работат во вештачката интелигенција ќе бидат меѓу првите кои би биле мобилизирани во случај на хибридни напади или војна.
По закон, сите поранешни редовни и резервни офицери доживотно се обврзани да се јавуваат на повик за мобилизација, за разлика од цивилите кои волонтираат во резервниот состав. Персоналот со полно работно време што ја напуштил воената служба е обврзан уште шест години да биде на располагање и да одржува контакти со Министерството.
Телеграф забележува дека на речиси половина од лицата регистрирани во стратегискиот резервен состав не им е испратено писмо, бидејќи Министерството им ги изгубило адресите.
Владата во јануари најави дека ќе ја зголеми граничната возраст за повикување резервисти од 55 на 65 години, но само за лицата што реално може да придонесат за зајакнување на одбраната.
Јасно е дека нема да мобилизираме луѓе кои се неспособни за служба. Нема да мобилизираме пензионери, изјави Стритинг.