Доктори се плашат да ѝ противречат на ВИ

Лекарите кои повеќе се потпираат на сопственото искуство и не се согласуваат со советите што ги добиваат од ВИ се во поголема опасност да изгубат тужба врз основа на лекарска грешка. Симулација на судски процеси покажува дека поротниците се убедени дека алгоритмите се безгрешни, иако многу често и тие прават грешки што може да имаат фатални последици.

Воведувањето на напредните модели со вештачка интелигенција како асистенти во ординациите им помага на лекарите во дијагностиката, но исто така им врши притисок почесто да ги прифаќаат советите и кога не се убедени дека се правилни.

Некои лекари нарачуваат скапи тестови, дури и кога не се потребни, верувајќи дека тоа ја намалува нивната правна одговорност во случај на лекарска грешка иако системите со ВИ се далеку од безгрешни.

Притисокот е особено висок во радиологијата, каде што вештачката интелигенција се користи екстензивно, а пропуштањето на абнормалности може да доведат до фатални последици. Ова, исто тека е медицинска област со висок ризик од тужба поради лекарска грешка.

Истражување во кое биле тестирани симулирани правни сценарија при лекарска грешка покажува дека лекарите постојано се сметаат за поодговорни од производителите на ВИ, здравствените системи кои ја усвоиле технологијата или регулаторите. Поротниците многу почесто застанувале на страната на тужителите ако радиологот не се согласувал со наодите од алатката со ВИ. 

При сценарио во кое ВИ не се согласила со наод на радиолог за крварење во мозок откриено со компјутерска томографија, во 72% од случаите поротниците застанале на страната на тужителот. Во случај на незабележан рак на белите дробови што резултирал со смрт на пациентот, поротниците во 78,7% од случаите биле на страната на алгоритмот.

Пристрасноста на поротниците се намалила кога им биле претставени податоци за просечната стапка на грешки на системот со вештачка интелигенција.

Откриваме ненамерна последица од усвојувањето на ВИ. Новата алатка може да придонесе многу во радиологијата, но не е сè униформно позитивно, вели авторот на истражувањето, докторот Мајкл Бернштајн од Медицинскиот факултет на Универзитетот Браун.

Лекарите бараат поголема заштита. Американското медицинско здружение овој месец повика на ново федерално и државно законодавство кое ќе ги заштити лекарите од одговорност кога алатките со ВИ направиле грешка на штета на пациентите.

26 ноември 2026 - 14:39