Како во „Волстрит Журнал“ се изгуби шпионската приказна за Nvidia

Влијателниот „Волстрит журнал“ впечатливо го промени наративот за шпионажа поврзан со Nvidia. Пред три недели агресивно ја поврзуваше љубовницата на Џенсен Хуанг со разузнавачки бироа во Пекинг, а потоа се переше со приказни дека нема докази за шпионажа. Пресвртот се смета за операција на Вашингтон и конкуренцијата да ја поткастрат Nvidia за 1.000 милијарди долари.

Во извештај од 31 отомври, „Волстрит Журнал“ пишуваше дека американските власти уште лани заклучиле дека Алис Хуанг – љубовницата на Џенсен Хуанг - споделувала информации со кинеската влада за проекти на Nvidia за центри за податоци во Азија и дека била под физички надзор од властите во Сингапур и Тајван.

Министерството за внатрешни работи на Сингапур соопшти дека нема таква истрага против Алис Хуанг. Пекинг ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги клевета.

Само десетина дена подоцна, повторно повикувајќи се на „извори запознаени со американските разузнавачки податоци“, весникот објави дека нема докази дека Алис Хуанг добивала конкретни задачи од Пекинг. Цитира анонимни извори кои објаснуваат дека нејзините контакти биле „индиректни“, со оглед на тоа што кинеските бизнисмени често се принудени да рапортираат до безбедносниот апарат на земјата.

Во периодот помеѓу двете спротивставени објави, се пресметуваше штетата од насловите за „кинеска шпионска замка“ и од оставката на Џенсен Хуанг. Загубата беше проценета на 1.000 милијарди долари од пазарната вредност на Nvidia.

Белата куќа тргна во офанзива да спречи поголема штета врз берзите и американската економија. Додека вршеше притисок врз Управниот одбор на Nvidia да го врати Хуанг за директор, Трамп пред јавноста ја минимизираше шпионската афера: „Секогаш кога ќе се појави некоја згодна или убава Кинескиња, веднаш велат дека таа е шпионка“.

Министерот за финансии Скот Бесент, кој само една недела претходно бараше од Управниот одбор на Nvidia да постави нов извршен директор, изјави дека „приказната за шпионажа е всушност измислица“. Главниот јавен обвинител Тод Бланш изјави дека Министерството за правда не потврдило дали Алис Хуанг е шпионка.

Во меѓувреме се проширија и вести дека Дастин Московиц, ран инвеститор во компанијата Антропик, обезбедил десетици милиони долари за медиумското покривање на приказната дека Алис Хуанг била шпионка.

Џенсен Хуанг е еден од најгласните критичари на Дарио Амодеи, кој упорно ги истакнува ризиците од вештачката интелигенција за да ги промовира моделите на Антропик како лек за безбедноста. Двајцата лани отворено се спротивставија во однос на контролите на извозот и моделите на ВИ со отворен код.

Независниот коментатор Daebak, кој е влијателен во технолошките кругови, ја сумира медиумската операција зад шпионската афера како класичен пример на перење наративи од Вашингтон.

Објавувајте три недели на насловните страници „Кинески шпионски заговор со медена стапица“, засилени со 177 милиони долари од мрежата на инвеститорот во Антропик, Дастин Московиц; избришете 1.000 милијарда долари пазарна капитализација на Nvidia и принудете го Џенсен Хуанг да ја напушти сопствената компанија 12 дена; тивко објавете продолжение во кое признавате дека немало цврсти докази за активна шпионажа и неубедливи докази дека некогаш ја таргетирала Nvidia.

Медиумските подметнувања не помагаат да се дознае дали Џенсен Хуанг преку љубовната афера со Алис Хуанг навистина ја загрозил националната безбедност на САД. Повеќе одговори се очекуваат на 3 декември, кога директорот на Nvidia треба да се појави на сослушување пред Комитетот за банкарство при Сенатот.

26 ноември 2026 - 09:31