Полска, Унгарија, Словачка и Чешка тврдат дека наметнувањето на втората фаза од Европскиот систем за тргување со емисии на јаглерод диоксид (ЕТС2) од 2028 година, во услови кога цената на енергијата е рекордно висока, ќе се одрази врз потрошувачката, вработеноста и инвестициите и може да предизвика штета врз домаќинствата и бизнисите.
Според проверливи пресметки, проширената шема за тргување со емисии ќе наметне дополнителен бруто товар од десетици милијарди евра од 2028 година, истакнаа четирите земји во заедничко писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
ЕТС 2 е сосема нов пазар за тргување со јаглерод во ЕУ. За разлика од ЕТС1, кој е воведен во 2005 година и го наплаќа загадувањето од тешката индустрија и авијацијата, ЕТС2 е насочен кон емисиите од греење на згради и од патниот транспорт. Давачките директно ќе ги погодат дистрибутерите на бензин, дизел, гас и јаглен, а преку нив граѓаните и малите бизниси. Системот треба да стане целосно оперативен во 2028 година, а аукциите за сертификати се планирани веќе за во јануари 2027 година.

Целта на ЕУ е емисиите на јаглерод диоксид во 2030 година да бидат намалени за 42% во однос на 2005 година.
Проценките покажуваат дека при цена од околу 45 до 50 евра за тон CO2, дизелот и маслото за греење би поскапеле за околу 11 до 12 центи по литар (без ДДВ), а сметките за природен гас би пораснале за околу 10% до 15% (околу 1 цент по kWh). Токму ова е главната причина за отпорот од земји како Словачка, Полска, Унгарија и Чешка.
Полскиот премиер Доналд Туск во понеделникот изјави дека нема да прифати буџет на ЕУ што би довел до повисоки цени на енергенсите и до сериозни социјални оптоварувања.
За седумгодишниот буџет на ЕУ е потребно одобрение од сите земји-членки. Секоја земја може да го блокира договорот. Сепак, земјите од Вишеградската група не можат со вето да изнудат промена во системот за тргување со емисии на штетни гасови. Тие би морале да придобијат и други влади, како и да обезбедат мнозинство во Европскиот парламент.
*****
Види и: Словачка нема да дава пари за да продолжи војната во Украина