Она што луѓето ѝ го прават на планетата не е прашање дали веруваш во глобално затоплување; прашање е дали гледаш со очи во локалните купчиња ѓубре, оџаци и ауспуси и бар некогаш помислуваш како тоа се трупа околу нас.
Но, на толку муабет за овие теми, чарињата останаа чудно анемични и фрагментирани. Да, има сериозни аргументации дека мора да ѝ се помогне на Кина пред да нè потепа сите. Тука се и звучните пристапи за обновливи енергии и електрични возила. Но, истовремено, постојат многу малку реални начини на кои обичен човек може да разбере што тој може да стори околу проблемот. Досега не постоеше еден сеопфатен и доверлив список за решенија кои водат до намалување на јаглерод диоксидот во атмосферата.
Сè до книгата „Пресвртна точка; Најсеопфатниот план на сите времиња за пресврт во глобалното затоплување“ на Пол Хоукен. Тој е легенда во еколошките трудови а Бил Клинтон смета дека неговата книга „Природен капитализам“ е една од петте најважни книги на светот. Новото дело не е полемично или анегдотално туку педантно рангирање на солуциите откако тие биле мапирани, измерени и моделирани при што во обзир се земале само рецензирани и научно потврдени студии. А симулирани се и неколку можни сценарија кои го покажуваат кумулативниот ефект.
И, што испаѓа најефикасната комбинација? Образованието на девојчињата и семејното планирање! Да, комбинацијата на овие две цели - измерено, молим лепо - може до 2050 година да доведе до редуцирање на 120 гигатони еквивалент на CO2, повеќе од сите комбинирани ветерници заедно.
А како поединечно најефикасна алатка е наведен менаџментот со разладните уреди (фрижидери, еркондишни). Патем, на таа тема, фасцинантна е приказната за Руанда. Може да се забележи дека комбинирањето на намалувањето на фрлената храна и исхрана базирана на растенија би би мале поголем ефект отколку сите соларни фарми и поединечни соларни кровови топтан.
Во интервјуто за Вокс, Хоукен објаснува зошто изворот на енергија не е единственото важно прашање а она што го верглаат Ал Гор и Џефри Сакс не е баш така, зошто некои од тековните проекти во кои се полагаат големи надежи се неостварливи и зошто никој во светот не ги есапи САД како лидери во заштитата на планетата. Со Трамп или без него.