
Почитувани културни работници,
Навистина ми е жал за вашиот колективен договор. Без иронија. Како што знаете, веќе подолго време, на овој или оној начин, сочувствувам и солидаризирам со вашите намалени плати и со последователната немаштија. Сепак, морам да констатирам дека културата не е погребана. Ниту, колку што ми е познато, постои некаква реална можност таа да биде погребана. Нема никаква потреба од мелодрама. Особено не од колективна, со драматуршки паузи, посмртни маршови, трагични објави и внимателно распоредени извичници.
Не можам, имено, да се сетам на ниту една инстанца во која вие, почитувани колеги, повикавте на солидарност со вашите колеги културни работници кои никогаш не биле вработени преку непостоечките конкурси, аудиции и законски процедури, па според тоа никогаш не добиле можност да земаат нешто повеќе од точно НУЛА ДЕНАРИ МЕСЕЧНО. Нула, како геометриска точка на координатниот систем на македонската културна политика, од која почнуваат сите можни кариери и во која, порано или подоцна, завршуваат сите надежи за нивно институционално признавање.
Немаше ниту еден повик за солидарност.
Ниту една објава.
Ниту еден колективен договор со сопствената совест.
А добро знаете дека станува збор за повеќе од две илјади луѓе. Знаете што работат, колку работат и под какви услови работат. Знаете дека станува збор за луѓе кои секој месец, во една прилично доследна и речиси ритуална кореографија на сиромаштијата, по еднаш им ја исклучуваат струјата или водата и кои еднаш месечно успеваат да одглават некоја сметка. Ако од некои причини од некого наследиле автомобил (нормално дека не можат сами да си го дозволат), во него тураат триста денари гориво, сума доволна да го одржи моторот во состојба на подготвеност и да им овозможи да се преправаат дека сè уште се дел од цивилизацијата. Кредити не можат да подигнат, дури и да сакаат. Фамилија? Апсолутно нема шанси. Деца? Можеби во некоја паралелна реалност.
И, што прават тие луѓе?
Така е. Култура!
Работат, создаваат, организираат, продуцираат, настапуваат, снимаат, пишуваат, свират, режираат, монтираат, одржуваат, поставуваат, расклопуваат, повторно составуваат. Со други зборови, ја произведуваат токму онаа култура за чиешто наводно умирање денес толку ревносно се огласувате.
Само што нивната култура нема плата, нема работен стаж, нема здравствено осигурување, нема колективен договор и, најчесто, нема ниту статус на култура во смисла на нешто што заслужува да биде предмет на јавна грижа. Таа постои некаде во подрумот на општествената свест, меѓу теглите со кисели краставички и стариот тротинет.
И сега, кога на дел од културниот сектор му се загрозени приходите, одеднаш сме сведоци на голема трагедија, на опасност од институционален колапс, на смртна постела на македонската култура. Разбирливо. Секој треба да се бори за своите права. Но, чудно е како таа борба толку долго успеваше да ја заобиколува армијата луѓе што со години функционираат без никакви права, како да се некаква статистичка грешка во буџетот, некоја невидлива категорија што случајно произведува изложби, концерти, претстави, фестивали и сè друго што потоа со задоволство се заведува под рубриката „културни достигнувања“.
Не може постојано да ја делиме културата на онаа што има право да биде гладна и онаа што мора да гладува во тишина. Не може да бараме солидарност само кога бељата ќе ни затропа на сопствената врата, а дотогаш да се однесуваме како соседната врата да не постои. Тоа, сигурен сум дека го знаете, не е солидарност.
Затоа, почитувани културни работници, прекинете со мелодрамата. Не затоа што немате право да се борите, туку затоа што немате право да се однесувате како да сте првите луѓе во оваа земја што откриле дека неверојатно многу е напорно културата да се произведува без нејзините производители да имаат од што да живеат. Кога ќе се потрудиме НА СИТЕ ДА ИМ БИДЕ ВО РЕД, кога ќе престанеме да ја мериме културната вредност според тоа дали некој успеал да се протне низ институционалниот теснец и да добие месечен прилив на сметка, тогаш ќе можеме да седнеме и да разговараме за колективни договори, достоинство, права и за сите останати цивилизациски придобивки што очигледно сè уште ги третираме како ексклузивни погодности. Дотогаш, некаде надвор од вашите колективни договори, повеќе од две илјади луѓе продолжуваат да ја работат својата работа. Струјата ќе им ја исклучат повторно следниот месец. Водата, исто така. Во автомобилот, ако го имаат, повторно ќе стават триста денари и културата ќе продолжи да се случува.
Само што овојпат, можеби, би било добро некој да се сети дека и тие луѓе се дел од неа.