ОпенАИ и Антропик развиле клуч за сите шифри во светот?

Лабораториите кои ги насочија алатките со ВИ кон решавање математички проблеми мошне веројатно веќе развиле алгоритми способни да ги пробијат денешните најсилни криптографски заштити на банките, шпионските агенции и на интернетот. Експертите досега беа убедени дека ова може да се направи само со квантен компјутер во блиска иднина.

Шифрирањето на банкарските сметки, лозинките, платежните картички, новчаниците со криптовалути се потпира на сложени математички пресметки кои не можат да се пробијат ни со денешните најмоќни суперкомпјутери: брзо делење на огромен број на прости делители.

Водечкиот компјутерски теоретичар Скот Аронсон е убеден дека овој проблем веќе е пробиен од водечките лаборатории на OpenAI и Anthropic, а можеби и од двете.

Практично сум сигурен, од повеќе сигурни извори, дека лабораториите за ВИ сега седат на една или повеќе „бомби“ кои ја разбиваат современата криптографија, пишува на својот блог експертот за квантно пресметување од Универзитетот Остин во Тексас.

Аронсон укажува дека гигантите од Силициумската долина во изминатите месеци го префрлиле фокусот на истражувања за решавање математички проблеми. Но, забележува дека „не може да биде случајно“ тоа што OpenAI објавил 400 трудови што ја опфаќаат речиси секоја област од математиката, а ниту еден единствен за криптографијата.

Тој е убеден дека напредните модели со ВИ во лабораториите успеале да откријат алгоритми способни да ја пробијат „криптографијата со јавен клуч во полиномно време“, која денес помага да се заштити сè од банкарски апликации до интернетот. Најчеста техниката е множење на два големи прости броеви RSA, која се смета за безбедна бидејќи „пробивањето на кодот“ бара факторизирање на производот назад во оригиналните прости броеви. Тој процес практично не може да биде спроведен во разумно време, барем без моќен квантен компјутер, кој сè уште не постои.

Ако било кој од вообичаените системи се утврди како ранлив, оној што го открил клучот се соочува со тежок избор: дали да го објави алгоритмот јавно, дозволувајќи им на сите други да развијат одбрана против него, дали да го чува во тајност или можеби да објави ранливиот систем, без да го претстави решението.

Многу е веројатно дека компаниите со ВИ се соочуваат со овој проблем токму сега. Драго ми е што не сум во таа позиција, вели Аронсон.

Владите, банките и шпионските агенции во изминатите неколку години веќе почнаа да се подготвуваат за ризикот од технологија што може да ги пробие денешните шифри. Но, темпото на подготовка е прилагодено на развојот на квантните компјутери, за кои се смета дека нема да бидат достапни со години, а не со месеци или недели.

Многу влади и технолошки компании работат кон повисок стандард на енкрипција, кој нема да биде ранлив на квантните компјутери. Целта беше поставена за некаде околу 2032 година, а и таа веројатно ќе биде пропуштена, вели Стивен Мардок, професор по компјутерски науки на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

28 ноември 2026 - 09:44