Пазарот на ВИ е балон со 97% сигурност

Анализа на новинарски текстови од архивата на „Економист“ во изминатите 170 години покажува веројатност од 97% дека индустријата околу ВИ е надуен балон. Тоа е приближно исто ниво како предупредувањата пред да прсне балонот на дот-ком компаниите во 2000 година. Ова не значи нужно дека пазарот на ВИ е пред пукање, туку дека покажува силни знаци на прегреаност.

Истражувачи од Лондонската бизнис школа и од Универзитетот Кембриџ се служеле со модели со вештачка интелигенција за да анализираат 795.964 статии објавени во списанието „Економист“ во изминатите 170 години. Изработиле специфичен „индекс на балон“ за да може да се споредуваат показатели во различни периоди.

Содржините во кои се предупредува на шпекулативниот карактер на инвестициите во технологијата на вештачка интелигенција, без оглед што компаниите не бележат профити, се препознаени како јасен сигнал за голем балон со веројатност од 97%. Ова ниво може да се спореди со предупредувањата од март 2000 година, кога балонот на дот-ком индустријата го достигна својот врв.

Авторите на истражувањето истакнуваат дека забележувањето на балон не значи нужно дека тој мора да пукне и не навлегуваат во проценки за пад на берзите. 

Индексот бил дефиниран врз основа на пет показатели за шпекулативен вишок откриени во извештаи на Економист во периодот од 1843 до 2013 година: шпекулативни наративи во медиумите, регулаторни предупредувања, знаци на прекумерни шпекулации, загриженост за вреднување и описи на „бум“ и „еуфорија“.

Овие показатели биле тестирани на 22 евидентирани балони во десет земји, од манијата за шпекулативно купување акции на британската железница во 1840-тите години до бумот на домување пред 2008 година. Анализата потоа била проширена и со статиите на „Економист“ од 2013 до септември 2026 година.

Студијата откри дека во сите месеци финансискиот печат предупредувал дека индустријата е преценета. Содржината на статиите укажува на просечен ризик од 20% за голем крах на пазарите во рок од шест месеци и на пониски идни приноси. 

Применет до септември 2026 година, индексот доделува веројатност до 97% дека пазарот на вештачката интелигенција е балон. Други анализи, пренесени од CNBC ја спуштаат веројатноста до 40%, но и нивните показатели се далеку над историските просеци.

Печатот постојано вика „Волк!“. Но, понекогаш, „волкот“ навистина доаѓа. Вистинското прашање е дали новинарите викаат погласно од вообичаеното. Во моментов да, објаснува Марко Гротерија од Лондонската бизнис школа, еден од авторите на студијата.

Извештајот е објавен токму во период на нагло распродавање на акции на компаниите за ВИ. Берзанскиот индекс Nasdaq падна за повеќе од 18% од почетокот на октомври и крајот на ноември.

Авторите исто така нагласуваат дека постоењето на балон воопшто не значи дека технологијата е безвредна и дека не сме сведоци на реална технолошка револуција.

27 ноември 2026 - 16:19