Москва во изминатите месеци презеде низа мерки за заштита на своите бродови во Балтичкото Море, кое за Русија е од егзистенцијална важност, бидејќи преку него испорачува повеќе од 60% од својата поморска нафта. Во мај беше усвоен нов закон со кој се дозволува употреба на воена сила за заштита на комерцијалните бродови. Воени бродови опремени со нуклеарни ракети добија наредба да ги придружуваат руските танкери низ Балтичкото Море за да спречат преземање од западните морнарици. За нешто повеќе од една година, германската крајбрежна стража регистрирала 260 такви придружби во Балтичкото и Северното Море.
Во август, Путин ги нарече европските напори за заплена на танкерите „пиратерија и бандитизам“ и вети воен одговор. Еден месец подоцна, Кремљ достави писмено предупредување до НАТО: „Русија е подготвена да изврши превентивни нуклеарни напади за да ги брани своите интереси во Балтичкото Море - дури и без напад врз руска територија“. Москва во исто време ја засили својата енклава Калининград со беспилотни летала, моќни радари и опрема за електронско војување, според западни разузнавачки офицери.
Токму затоа финскиот претседател Александар Стаб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе му се јавиле на Путин.
Немаме намера да го блокираме Балтикот во мирно време, можете да бидете уверени дека ќе дејствуваме во согласност со законот“, му рекол Стаб на Путин во телефонскиот разговор на 27 октомври, според две лица присутни на разговорот.

Соочување на руската Балтичка флота, германската крајбрежна стража и активисти на Гринпис ова лето даде јасна илустрација за ризикот од ескалација. На 30 јуни, кога чамци со активисти се приближија до танкер со панамско знаме од руската „флота во сенка“, рускиот воен брод „Сообразителни“ по грешка ја предупредил германската крајбрежна стража. Германскиот брод „Бајројт“ пристигнал да интервенира. Капетанот успеал да ја смири ситуацијата известувајќи ги Русите дека чамецот е на активисти, а не на германската морнарица.
Конфронтација имало и на 14 септември, кога истиот руски воен брод испалил сигнални ракети кон дански воен хеликоптер што ја следел корветата. На 18 октомври два руски воени брода ги спречија данските и германските крајбрежни стражари да се приближат до танкер во дефект кај островот Борнхолм.
Ризикот за ескалација го зголемуваат и земјите од источното крило на НАТО, кои се чувствуваат загрозени од руска агресија. Во септември шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски предложи НАТО да организира „агресивни“ воени вежби близу Калининград за да го „уплаши“ Путин и да пренасочи трупи од Украина. Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна изјави во Обединетите нации дека Естонија, Финска, па дури и НАТО би можеле да го затворат Финскиот Залив.
Ваквите заканувачки изјави го принудија Пентагон остро да ги предупреди балтичките сојузници од НАТО да ја смират реториката за да се избегне разгорување на конфликтот
Блокада на Балтикот или Калининград не може да се спречи со конвенционални средства, бидејќи руските сили се врзани во Украина. Кремљ нема да има друг избор освен да одговори со итни, превентивни нуклеарни напади, оцени Александар Волошин, некогашен началник на кабинетот на Путин.

Финскиот премиер Стаб го повикал рускиот амбасадор во обид да ја смири кризата, а испратил и индиректна порака до Москва преку неименуван руски олигарх како посредник. Набрзо потоа Стаб и Сторе му се јавиле на Путин. Рускиот претседател јавно ги пофали двајцата лидери, но предупреди дека „некој“ сака да го претвори Балтикот во нов Ормуски теснец.
Ние не го сакаме тоа, но ќе одговориме на секој предизвик. Ако конфронтацијата отиде предалеку, нема да има победници, предупреди Путин.
Украина деновиве се обиде повторно да ја ескалира ситуацијата со напад врз руски товарен брод во фински води во Балтикот. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека бродот е „легитимна воена цел“ затоа што носел оружје и дека бил погоден додека бил во руски води. Финска, сепак, ја смири ситуацијата, испраќајќи свои сили во спасувачка операција координирана со Русија. Пожарот беше изгаснат и на Русите им беше дозволено да го одвлечат оштетениот брод.
******
Види и: Европски лидери се охрабрија да разговараат со Путин