- Финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе денеска телефонски разговарале со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина.
- Стуб и Сторе, кои минатата недела во Осло беа домаќини на американскиот посредник Стив Виткоф и украинскиот претседател Зеленски, истакнаа дека разговорот со Путин бил „во име на нивните земји и на никој друг“.
- Планот бил да разговараат 20 минути, но биле на линија час и половина. Сторе го опиша разговорот како „суштински, фокусиран на конкретните прашања и професионален“.
- „Тој потсети на своите ставови за тоа како се развивал конфликтот од 2014 година – а ние ги изнесовме нашите позиции. Станува збор за добро познати ставови, кои можевме да ги сослушаме и на нив да одговориме“, изјави норвешкиот премиер.
- Одговарајќи на критиките од данската премиерка Мете Фредериксен зошто не ја координирале иницијативата со европските партнери, Сторе одговори дека директно му ги пренеле своите ставови на Путин.
- „Сметам дека водењето разговори и испраќањето соодветни пораки не е погрешно. Денес до Москва допираат пораки само од американската администрација. Сега се слушаат и гласови од две соседни држави – Финска и Норвешка – кои не зборуваат во име на другите, туку... во целосна усогласеност со ‘коалицијата на оние што сакаат да дејствуваат‘, кои делат исто мислење за природата на оваа војна и за тоа како таа треба да заврши“, изјави Сторе.
- Наместо планираните два дена разговори за седумгодишниот буџет на ЕУ, европските лидери го завршија самитот по првиот ден и го напуштија Брисел повеќе поделени отколку што беа кога пристигнаа.
- Данска, Германија, Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Белгија се побунија против начинот на кој претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги води разговорите и ги бојкотираа вечерните состаноци.
- Побогатите членки, кои во ЕУ уплаќаат повеќе отколку што добиваат од него, сакаат помал буџет. Кошта предложи кратења од 204 милијарди евра во проектираниот буџет од околу 2.000 милијарди евра. Германија бара уште поголемо кратење од 250 милијарди.
- Посиромашните земји се залагаат за поголем буџет, во кој би се задржале значителни средства за развој на помалку богатите региони.
- „Светлосни години сме далеку од решение за буџетот“, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
- Лидерите повторно ќе се состанат на 17 декември, кога ќе имаат последна шанса да постигнат договор пред крајот на годината.
- Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја предупреди Украина да не ја шири војната во Средоземно Море, откако Киев потврди дека нападнал два руски брода кај либиското пристаниште Бенгази.
- Украински беспилотни летала во неделата нападнаа руски воен брод закотвен во пристаништето во Бенгази, како и трговски брод што плови под малтешко знаме, во близина на брегот. Повредени беа десет лица.
- „Го знаете мојот став за Украина, но војната не смее и не може да биде проширена во Медитеранот. Мораме да бидеме јасни со нашите украински пријатели, како што бевме јасни со нашите партнери“, изјави Мелони пред самитот на лидерите на ЕУ за буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година.
- Мелони оцени дека ЕУ треба да продолжи да ѝ помага на Украина да се брани, но додаде дека Италија истовремено мора да ги штити своите граници и граѓани. Овој став јасно му го пренела на украинскиот претседател Володимир Зеленски.