Добронамерна преписка да се разбереме за дното

Забележавме дека една наша статија се наоѓа во Вашата рубрика "Стигнавме до дното" и искрено некако се почуствувавме погодени од таа Ваша постапка.

повод: Вистинско име на позната пејачка Лепа Брена е Фахрета Јахиќ

Сме Ве поддржувале секогаш, сме биле на Ваша страна од самите почетоци на off.net.mk, па дури и пред да постои, да не ги чешлам сега статиите безброј што се напишани за Трендо и токму затоа сметаме дека ова навистина не е во ред.

Свесни сме дека статијата не е нешто спектакуларно, напротив, но има читатели што сакаат и такво нешто да прочитаат, луѓе коишто наоѓаат занимација во за некого "глупавите зборови" коишто ќе не доведат до дното, а нас ни го вадат лебот..

Сè уште не можеме да се изначудиме дека offnet.mk го направи ова.

Со почит,

Администрацијата на бркајработа.мк

----------------------------
Здраво колеги,

Рубриката "Стигнавме на дното" е лоцирана најдолу на сајтот. Човек тргнува од врвот, скрола надолу и по некое време природно стигнува на дното. Затоа, и да сакавме, не можевме рубриката да ја крстиме "Стигнавте на врвот", бидејќи на тој начин би ги лажеле нашите читатели за нивната моментална локација. 

Ако зборуваме за содржината на самата вест, не мислам дека "таа не е ништо спектакуларно". Мене баш таква ми е. Бидејќи за вест да се стави нечие име (уху, па уште муслиманско било!), име кое никој не го ни криел и е познато со децении, тоа сепак е невообичаено откритие. 

За другите конотации кои ги имате околу дното, сакам да споделам една идеја. Да ја преименувам таа рубрика од "Стигнавте на дното" во "Најдоброто од македонскиот интернет". Ќе ви смени тоа нешто во чувството?

Инаку, најискрено ви посакувам да си вадите леб од сајтот и не гледам како споделување на прописно означена ваша вест може да ви наштети. Ќе добиете некој читател плус и одиме понатаму. Вие отворете кај вас "Најлошото од Оффнет", пренесувајте наши содржини и ќе бидеме раат.

Инаку, многу интересно е да се следат реакциите на таа рубрика. Многу! Од оние кои се заинтересирани да се најдат во неа (морате да видите!) па до огорчени коментатори на Фејсбук кои влегуваат во рецензии на пренесените вести по што обично заклучуваат дека таква вест 'не ни личи".

Тоа само зборува дека ситуацијата е многу позаебана отколку што мислевме :)

Секое добро, поздрав до цела екипа и бидете раат,
Трендо

5 март 2014 - 12:10