Ништо од "Кубанската пролет" на која се надевала американската влада која преку својата Агенција за меѓународен развој, во Куба правела локална верзија на Твитер со цел да го поткопа тамошниот систем.
Според документите до кои дојде Асошиетед прес и интервјуата со луѓе вмешани во проектот, планот бил да се развие автономен кубански Твитер кој со помош на мобилни СМС-и би ја избегнал државната контрола и лимитите на интернетот. По примерот на самиот Твитер, верзијата си викала ЗунЗунео (нашки би било Зунзара, како ономатопеја на колибрито). Документите покажуваат дека американската влада планирала да изгради доволно голема база на корисници, во прво време со помош на неспорни содржини (фудбал, музика, метео вести). Подоцна, кога би се создала критична маса на корисници, би се промовирале и политички содржини кои би инспирирале "излегување на улица" што би било почеток на кубанска пролет. Или, како што се наведува во еден документ на УСАид, агенцијата која оперативно стоела зад проектот, "да се ре-преговара односот на силите меѓу општеството и државата."
Кубанскиот Твитер бил развиван неколку години и во најуспешниот период собрал 40.000 корисници кои меѓусебе разменувале информации и мислења но не знаеле дека креатор на платформата е американската влада ниту пак дека на тој начин им се собираат приватни податоци кои подоцна би биле искористени во политички цели.
(екстензивна верзија на сите случувања имате овде).
Многу интересна е целата историја на односи Фиделовата Куба и САД.
Откако во 1959-та година го соборува режимот на диктаторот Батиста, Кастро и САД извесно време се во меден месец, кој вклучува и негова 11 дневна турнеја по Америка во која тогашниот државен секретар на САД го нарекува "првиот демократ на Латинска Америка."
Но, младиот револуционер идеолошки природно се врти кон Советскиот Сојуз а дома прави национализации на имотот кои во 1960-та година му навлекуваат американски санкции. Две години подоцна тие прераснуваат во комплетно ембарго.
Од објавени официјални документи се знае дека ЦИА во 1960-та година контактирала високо рангирани мафијаши за да организираат атентат врз Кастро. За задачата бил регрутиран извесен Хуан Орта но во последен момент тој се откажува од обидот.
Потоа ЦИА започнува со стандардните методи, користејќи ја Гватемала како своја база во која се тренираат 1.500 кубански емигранти со кои се планира заземање на власта и свргнување на комунистичкиот режим. Во април 1961-ва, оваа десантна војска се истовара во Заливот на свињите но во рок од три дена е поразена од кубанската армија, нанесувајќи ѝ голем срам на админстрацијата на Кенеди.
Во разни извори можат да се најдат детали за неверојатно апсурдни начини на кои САД планирале да го решат Кастро еднаш засекогаш:
- да го намамат да облече нуркачко одело кое би било затруено.
- да ја искористат неговата страст за нуркање и да му подметнат извонредно убава школка која би му го привлекла вниманието а би му експлодирала во лице кога би ѝ се приближил.
- На разни начини да се обидат да ги трујат неговите омилени пури.
- Да му подметнат талиумска сол во чевлите од која би паднала неговата брада а со тоа и неговиот авторитетен имиџ.
Поранешниот шеф на кубанската безбедност, Фабијан Ескаланте тврдеше дека во периодот од 1959та до 2000-та година, врз Фидел Касстро биле извршени вкупно 638 обиди за убиства.