Хомофобија кон човек кој те тепал?

Британска самохрана мајка на четири деца е осудена за злосторство од омраза поради испратени СМС пораки во кои човекот што ја претепал го нарекла „педер“. Ја пријавила пријателка на која ѝ ги испраќала пораките а со која се скарале за нешто. Дотичниот никогаш не бил гонет. 

34 годишната Елизабет Кини, негувателка на стари лица од Транмер во северозападна Англија, лани испратила серија жестоки пораки до поранешна пријателка опишувајќи како заеднички машки познаник ја претепал толку гадно што ѝ била потребна хоспитализација. Вклучила и фотографии од нејзините повреди.

Подоцна била накодошена во полиција за употреба на зборот „педер“ за да го опише човекот, кој не е идентификуван. Службено била обвинета за малициозна комуникација.

Конкретниот член е „испраќање навредливи, непристојни или заканувачки пораки преку јавна комуникациска мрежа“ за што ѝ била изречена општествено корисно работа и рехабилитација.

Кини на суд рекла дека пораките биле „непромислена тирада“, нејзиниот адовокат објаснувал дека терминот „педер“ не се однесувал на сексуалната ориентација, но судијата Роберт Во проценил дека мора да биде казнета заради „хомофобичната содржина“.

„Прифаќаме дека можеби е напишано во тирада, но сепак е напишано“, рекол тој при изрекувањето на казната, која вклучувала и плаќање на 364 фунти за судски трошоци.

 

28 ноември 2025 - 11:25