- Рускиот претседател Путин е спремен да преговара за крај на војната, врз основа на мировниот план на САД, но повтори дека Москва ќе ги прекине воените активности само кога Украинците целосно ќе се повлечат од регионите Доњецк и Луханск, кои го сочинуваат Донбас. Такво територијално разграничување беше предвидено со оригиналниот план од 28 точки на Доналд Трамп, но е неприфатливо за Украина.
- Путин додаде дека руските сили имаат незапирлива иницијатива на фронтот и дека ќе го заземат Донбас. „Во Киев велат дека се спремни да се борат до последниот Украинец. Па, и Русија во принцип е спремна за тоа“, изјави Путин при посетата на Киргистан.
- Рускиот претседател изјави дека е „бесмислено“ да потпише каков било документ со актуелното украинско раководство, кое го смета за нелегитимно откако ги откажа изборите во 2024 година. Ако се постигне мировен договор, бара украинското раководство итно да ја поништи вонредната состојба и да распише избори.
- Путин додаде дека Русија нема намера да ги нападне земјите од ЕУ, но рече дека ќе треба да се преговара за европските безбедносни гаранции за Украина.
- Американскиот специјален претставник Стив Виткоф идната недела ќе отпатува во Москва на разговори со Путин за мировниот план. Армискиот секретар Ден Дрискол во исто време ќе се сретне со украинските преговарачи.
- Холандија побарала пауза на процесите за интеграција на Црна Гора во Европската Унија укажувајќи на потребата од „дополнителна анализа и поконзистентна примена на сите утврдени стандарди“.
- На ова барање се придружиле и Хрватска, Естонија, Литванија и Летонија. Инсистираат на темелна проверка на исполнетоста на клучните критериуми пред да се донесат какви било нови одлуки на европско ниво.
- „Она што сега изгледа сигурно е дека нема да се затворат поглавја на маргините на состанокот на Советот на ЕУ овој месец, спротивно на претходните очекувања и најави“, заклучува подгоричкиот весник „Дан“.
- Црна Гора досега има затворено 18 од 33-те преговарачки поглавја. Хрватска го блокираше Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Веќе две години е блокирано Поглавјето 31 – кое ја опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
- Поради преполнетост на затворските капацитети, Финска бара правна рамка за да префрла осудени криминалци да ја отслужуваат казната во странство. Тоа подразбира и странските затвореници да бидат префрлени во ќелии во нивните матични земји.
- Хелсинки ги разгледува опциите на Шведска - која од август почна да префрла свои осуденици во затвор во естонскиот град Тарту, или на Данска - која во десетогишен договор од 210 милиони со Косово изнајми 300 ќелии во затворот во Гњилане.
- Според податоци на Службата за затвори и условна слобода, во Финска има околу 3.900 затвореници, од кои 950 се странски државјани.
- Бројот на странски затвореници е зголемен за 76% изминатата деценија, а бројот на фински затвореници во истиот период е намален.
- Најголем дел од странските затвореници отслужуваат казни за кривични дела поврзани со дрога (49%), за сексуални престапи (21%) и за убиства (10%).