„Маж ми нема другари“

Доаѓа момент во бракот кога ќе сфатиш дека сопругот, што кога ти беше дечко имаше големо машко друштво, со годините баш и нема пријатели. Ама брак е и проблемот не е само негов. Некои жени почнуваат и тука да менаџираат, не од преголема желба, туку затоа што социјалниот живот на едниот партнер лесно почнува да влијае врз животот на другиот.

Во текст за The Cut, новинарката Моника Коркоран Харел го опишува феноменот низ искуствата на жени кои се чувствуваат обврзани да ги „туркаат“ своите сопрузи кон други луѓе: да ги воведат во разговори, да ги поканат некаде, да им најдат друштво или едноставно да им помогнат повторно да воспостават пријателства. Некои од нив на крајот се откажуваат од таа улога, сфаќајќи дека одржувањето на пријателствата на возрасен човек не би требало да биде уште една ставка на нивната домашна листа со задачи.

Зад оваа брачна ситуација стои поширок феномен. Истражување на Survey Center on American Life од 2021 година покажа дека 15 отсто од американските мажи изјавиле дека немаат ниту еден близок пријател, во споредба со 3 отсто во 1990 година. Во истиот период, стапката на мажи со шест или повеќе блиски пријатели паднала од 55 на 27 отсто.

Има и поново истражување на Pew Research Center, што покажува малку посложена слика. Мажите не се нужно почесто осамени од жените и приближно подеднакво често имаат барем еден близок пријател. Разликата е во тоа како ги користат тие односи: 54 отсто од жените велат дека би се обратиле до пријател за емоционална поддршка, во споредба со 38 отсто од мажите. Жените исто така почесто комуницираат со блиските пријатели преку пораки, социјални мрежи и телефон.

Еден од можните проблеми е што бракот може ненамерно да стане речиси целосен социјален систем за мажот. Терапевтката Џули Менано, вели дека некои мажи не ја препознаваат сопствената потреба за поврзаност и осаменоста ја претвораат во раздразливост, повлекување или прекумерно фокусирање на работата. Тука се појавува терминот mankeeping, кој истражувачите Анџелика Пуцио Ферара и Дилан П. Вергара го употребуваат за трудот што жените го вложуваат за да ги одржат или обноват социјалните мрежи на мажите и да го намалат товарот на нивната изолација врз семејството и партнерската врска.

Сепак, постои и важна нијанса: проблемот не е едноставно дека „мажите немаат пријатели“. Истражувањата покажуваат дека и мажите и жените се соочуваат со намалување на блиските пријателства, додека жените почесто вложуваат време и иницијатива во нивното одржување. Истовремено, истражување за слободното време покажува дека жените со деца и понатаму носат поголем дел од неплатената грижа и домашната работа.


На темава имавме и: „Mankeeping“ - Зошто жените се изморени од емотивниот товар и како да ги научиме момчињата да бидат подобри

17 септември 2026 - 09:31