
Третина од младите Британци се девици.
Овој навидум парадоксален тренд го потврдуваат најнови податоци од големо национално истражување што покажува дека младите денес имаат значително помалку сексуални искуства од претходните генерации.
Или, ако сакате детали, дури 38% од Британките на возраст од 16 до 24 години никогаш немале сексуален однос, а кај мажите од истата возрасна група процентот изнесува 28%. За споредба, во 1990 година помалку од една петтина од младите на оваа возраст немале сексуално искуство.
Промената не се однесува само на почетокот на сексуалниот живот - општо Британците затаиле околу сексуалните односи сега, за разлика од пред три децении. Кај возрасните помлади од 45 години просекот изнесува околу двапати месечно, наспроти еднаш неделно кај претходните генерации. Кај најмладите сексуалната активност е уште поретка, со просек помал од еднаш месечно.
Истражувачите засега немаат единствено објаснување за оваа промена. Една од можните причини е економската несигурност. Сè повеќе млади остануваат да живеат со родителите, често поради високите трошоци за домување и ограничените финансиски можности. Недостигот од приватност, но и од пари за излегување и запознавање нови луѓе, неизбежно влијае врз можностите за интимни односи.
Притоа, голем дел од дружењето се сели на интернет - младите поминуваат повеќе време комуницирајќи преку екрани, додека непосредните средби стануваат поретки. Дигиталната комуникација овозможува постојана поврзаност, но не мора да води кон поголема блискост. Плус - психолошки проблеми, па анксиозност и променети навики на социјализација, или едноставно, додајте нови keywords што леткаат низ интернет просторот како проблеми - сето ова е можен фактор.
Се појавува и прашањето дали постојаната изложеност на сексуални содржини ги менува очекувањата од вистинските интимни односи, ама ова не можеме да тврдиме дека важи само за новите генерации - порно има многу долго време. Како и пред 30 години, и сега порнографијата и сексуализираните содржини на социјални мрежи создаваат специфични претстави за телото, привлечноста и сексуалното однесување, но засега, научно гледано, нема доволно докази дека токму тие се причина за намалената сексуална активност.
Паралелно со овие промени се менуваат и ставовите кон родителството. Процентот на жени во Британија што изјавуваат дека не сакаат деца пораснал од 8 на 17 проценти во текот на една деценија, а особено изразена е промената кај жените на возраст од 25 до 34 години. Сè повеќе жени се и неодлучни околу тоа дали воопшто сакаат да станат мајки.
Сепак, помалата сексуална активност сама по себе не мора да претставува проблем - не постои универзална мерка за тоа колку често луѓето треба да имаат секс, ниту возраста на првото сексуално искуство е показател за квалитетот на нечиј живот. За еден одложувањето на сексуалните односи може да биде свесен избор, за друг може да биде последица на осаменост, несигурност или недостиг од можности за запознавање.