Жените што бирале доживотен затвор во замена за раат

Во средновековна Англија постоеле жени што доброволно избирале да го поминат остатокот од животот затворени во мали простории, без можност да се вратат во светот што го оставиле зад себе. Пред да влезат во своето доживотен „дом“, за некои се правеле дури и церемонии како погреби.

За црквата и за заедницата симболично биле мртви, иако нивниот живот, во една сосема поинаква форма, допрва започнувал.

Познати се како анахоретки, односно религиозни испоснички што се повлекувале од секојдневниот живот за целосно да се посветат на Бога. Нивните живеалишта, наречени anchorholds, или анахоретски тврдини, најчесто биле изградени покрај цркви, понекогаш толку мали што едвај собирале кревет, место за молитва и неколку основни предмети.

Спротивно на впечатокот што денес го создаваат приказните за нив, анахоретките не ги оставале во целосна темнина и изолација. Нивните простории обично имале прозорчиња, од кои еден гледал кон внатрешноста на црквата, овозможувајќи им да следат богослужба, преку друг добивале храна и неопходни работи, а понекогаш постоел и посебен отвор преку кој разговарале со посетителите. Некои имале и помошнички што се грижеле за нивните секојдневни потреби.

Самата церемонија на затворање имала силна симболика. Во одредени средновековни обреди се користеле молитви за мртвите, а имало и упатства што предвидувале жената симболично да влезе во гроб и да биде посипана со пепел. Нејзиното повлекување се разбирало како смрт за земниот свет и почеток на живот посветен на духовното.

Според историските истражувања, во Англија меѓу 1100 и 1539 година се забележани најмалку 414 жени што го избрале овој начин на живот. За да стане анахоретка, жената обично морала да добие одобрение од епископ и да има обезбедени средства за издржување, бидејќи нејзината одлука подразбирала трајно повлекување од општеството. Причините за ваквиот избор биле различни, а најочигледната била религиозната посветеност. Сепак, од денешна перспектива, нивниот живот отвора и интересни прашања за положбата на жените во средниот век - во општество каде што вриело од ограничувања за жени - брак, семејство, очекувања - ова религиозно повлекување нудело и екстремен, но за некои и корисен облик на независност.

Жена што физички била затворена можела да стекне духовен авторитет, да чита, да размислува, да пишува и да стане личност чие мислење го барале луѓето од нејзината заедница. Не дека сите анахоретки биле жени што бегале од несакан брак или од семејни обврски - историските извори не дозволуваат такво поедноставување,  но, парадоксот останува: некои жени добивале поголемо влијание врз општеството токму откако физички се откажувале од учеството во него.

Најпознатата меѓу нив е Јулијана од Норич, англиска мистичарка од 14 век, чие дело Откровенија на божествената љубов се смета за најстарата зачувана книга на англиски јазик за која се знае дека е напишана од жена. Од други интересности, во еден познат религиозен прирачник, Ancrene Wisse, се разгледуваат секојдневните навики на анахоретките, облекувањето, исхраната, па дури и чувањето животни. Додека одгледувањето животни генерално не било дозволено, им давале на пример мачки.

Животот на овие жени денес изгледа како крајна спротивност на слободата, но, нивната историја е посложена од приказна за доброволно затворање - зборува за средновековното разбирање на верата, за општествената положба на жените и за различните начини на кои тие успевале да изградат сопствен идентитет во рамките на строго уреден свет.

Или, кога веќе сме на темава, колку треба да ти е лоша положбата во општеството, да сакаш да се заробиш себеси засекогаш, само за на раат да си ја дочиташ книгата со мачката во кревет?

23 ноември 2026 - 13:58