Ако викендов ви е лош, тешете се со Илон Маск

Американскиот милијардер Илон Маск не направи ништоделовно погрешно пред да заспие. Па сепак, кога се разбуди, имаше 73,8 милијарди долари помалку. Џабе да им врти телефон за да им кука на колегите милијардери - петте најбогати луѓе во светот заедно изгубија 146 милијарди долари. Хмм, што ли доручкува човек кој преку ноќ изгубил 73 милијарди?

Зијанот уследи по еден исклучително тежок петок на Волстрит. Индексот S&P 500 падна за 3,7% и заврши на 6.910,39 поени, што е најниско ниво во последните седум месеци, Nasdaq падна за 5,3% а Dow за речиси 2%.

Најтешко беа погодени акциите на компаниите за производство на чипови. Акциите на Nvidia паднаа за 12,4%, на Broadcom за 11,2%, додека AMD и Micron забележаа пад од најмалку 12%. Инвеститорите стравуваат дека огромните вложувања во вештачка интелигенција - голем дел се финансирани со задолжување - можеби нема да ги исполнат очекувањата.

Богатството на Маск се намали за 8,34% на 811,7 милијарди долари, што сепак го задржува на првото место на листата со голема предност. Но, разликата се намалува, бидејќи Џеф Безос, кој е на второто место, сега располага со 366,8 милијарди долари, откако изгуби 13,4 милијарди долари.

Лари Пејџ изгуби 18,1 милијарда долари и сега има 221,5 милијарди долари, додека Серж Брин изгуби 16,6 милијарди долари и поседува 204 милијарди долари. Богатството на двајцата коосновачи на Гугл се намали за околу 7,5%.

Марк Закерберг претрпе најголем процентен пад меѓу првите пет најбогати луѓе. Неговото богатство се намали за 24,2 милијарди долари, односно за 11,13%, на 193,1 милијарда долари. Мајкл Дел, кој се наоѓа на шестото место со 181,8 милијарди долари, сега заостанува зад него за помалку од 12 милијарди долари.

Загубите на Закерберг не се новина. Во септември изгуби 20 милијарди долари за два дена, откако трошењето на Мета за вештачка интелигенција ги исплаши инвеститорите. 

Кутри луѓе.

п.с. Ние би четврт со месо. И голем јогурт! Еднаш се живее.

 

22 ноември 2026 - 08:39