Свињите ѝ обезбедија енергетска независност на Данска

Додека светот се соочува со нестабилни енергетски пазари, Данска пронајде алтернатива буквално во сопствениот двор. Со биогасот што го произведува од фармите за свињи полни 40% од гасоводната мрежа, најмногу во Европа. Во регионот Сондерборг, две постројки произведуваат доволно биогас за да се задоволат 100% од годишните енергетски потреби.

Одгледувањето свињи е голем бизнис во оваа скандинавска земја и сочинува една четвртина од нејзиниот извоз на храна. Во Данска во секој момент има 12 милиони свињи, двојно повеќе од вкупниот број на жители. Соодносот станува уште поголем ако се земат предвид и уште 30 милиони свињи кои секоја година се одгледуваат за колење или за извоз.

Секторот за свињи во Данска годишно произведува повеќе од 17 милиони тони ѓубриво, според советот за земјоделство и храна. Метанот и азотниот оксид од отпадот се преработуваат во постројки за биогас, со кој се напојуваат енергетските централи и се користи како гориво за домовите.

За една деценија Данска прошири неколку мали операции на биогас во околу 150 индустриски постројки, при што до 70% од преработените суровини доаѓаат од ѓубриво од свињи и говеда.

Политиката се покажа како потег во вистинско време, со оглед на нестабилните пазари на нафта и гас предизвикани од конфликтите во Украина и Иран.

Највпечатлив пример е амбициозната иницијатива Проект Зеро која почна во 2007 година во јужниот крајбрежен град Сондерборг. Денес само две постројки произведуваат биогас со кој се задоволуваат 100% од годишните потреби на целиот регион. Во исто време, овој регион ги намали емисиите на јаглерод поврзани со енергијата за 79%, користејќи обновливи извори. Планот е да се достигнат 100% до крајот на 2029 година.

Во свет на геополитичка неизвесност, енергијата стана уште поважна инфраструктура. „Проект Зеро“ се фокусираше на климатски решенија, но придонесува и за нашата енергетска независност. На општествата им се потребни отпорни, локални енергетски решенија, вели директорот на проектот, Алан Пилгард-Јенсен.

Во 2030 година Данска ќе стане првата земја што ќе воведе данок на јаглерод во земјоделството. Фармерите ќе треба да плаќаат околу 16 евра за секој тон јаглерод диоксид што ќе го испуштат.

Во Земјоделскиот колеџ „Грастен“ во близина на Сондерборг, во мал обем се тестираат нови системи кои би можеле да го намалат потенцијалниот товар за земјоделската заедница.

Ѓубриво од 200 крави и 400 свињи на фармата се пренесува во постројка за биогас, каде што бактерии го разградуваат материјалот и создаваат биогас. Овој биогас потоа се согорува во генератори за електрична енергија и за греење на колеџот. Јаглеродниот диоксид од согорувањето на биогасот не се испушта во атмосферата туку се спроведува во резервоар. Потоа може да се продава за разни индустриски процеси, како ладење, преработка на храна или газирање на пијалаци.

Собирањето јаглерод во земјоделството може да се прошири низ целата земја. Може да се заработи од него. Се користи во разни индустриски процеси, па зошто земјоделците не би можеле да го продаваат, исто како што продаваат млеко, жито или месо?, вели директорот на колеџот, Бјарне Ебесен.

20 ноември 2026 - 08:59