„Капучин мајмуните имаат мал мозок и тој претежно им е фокусиран на храна и секс. Како да имаат стомак без дно. Можат по цел ден да јадат. Повраќаат, па пак јадат“, вели една од двете истражувачки кои ја извеле студијата.
Со мајмуните се работело во парови. Секој од нив бил во свој кафез во кој имало полуга. Кога еден мајмун ќе ја подигнел полугата, другиот добивал храна. Потоа биле тренирани да бидат или алтруисти (секогаш да креваат полуга) или егоисти (никогаш да не креваат). Па биле помешани со други мајмуни.
Без да им биде тоа првична цел, истражувачите решиле да воведат пари, чисто да видат што ќе се случи. Метални жетони ја играле таа улога и за нив можело да се добие храна (грозје, јаболка или желе). За неколку месеци, мајмуните научиле да ги користат парите.
Почнале и да буџетираат. Желето почнало да се „продава“ за помала цена и - мајмуните нагрнале на него. Имало повлекување и рискантни потези за поголема добивка. „Суштински, се однесуваа како повеќето берзантски дилери,“ вели Кејт Чен од Јејл.
Имало и обид за кражба. Мајмунот бил фатен од другите мајмуни и поминал лошо.
Капак на сè е дека мајмуните сфатиле дека со парите може да се добие не само храна туку и други услуги. Секс, на пример. Недвосмислено било утврдено дека некои од нив добиваат пари за секс. И потоа заработените пари ги трошеле на храна.